Ковид-пандемијата речиси и да не влијаеше на купувањето на станови во државата


Иако со релативно ниска стапка на поврат на инвестицијата во однос на другите облици на инвестирање, инвестирање во купување на станови сè уште претставува најсигурен и најатрактивен облик на инвестиција за македонските граѓани, беше речено на денешната презентација на податоците за пазарот на недвижности за претходната година, како и очекувањата и трендовите за 2022 година, во организација на „Фортонмка“.

Во 2021 година во Скопје беа издадени дозволи за градба на вкупно 7.894 станбени единици, што е највисок број во последните четири години. Најголем број дозволи – за 2.241 станбени единици, се издадени за општина Гази Баба, а потоа следи општина Аеродром со дозволи за градба на 1.441 станбени единици.

Фото: Б. Грданоски

Овие податоци, како и преглед на пазарот на недвижности за 2021 година, вклучително и очекувањата за 2022 година во сегментите на станбен, малопродажен (трговски центри), канцелариски и индустриски простор, беа објавени на денешната прес-конференција од страна на консултантската компанија за комерцијални недвижности ФОРТОНМКА.

Домување-станбен простор

Ковид пандемијата речиси и да не влијаеше на купувањето на станови во државата.
Според неофицијалните податоци со кои располага консултантската компанија ФОРТОНМКА, во Скопје во 2021 година се продадени приближно 4.500 станови. Со оваа динамика, не само што е достигнато нивото на продажба пред пандемијата, туку гледано на годишно ниво е зголемено. За илустрација, во 2019 година во Скопје се продадени 3.388 станови.

„Тенденциите на среден рок (1-3 години) може да земат поинаков тек доколку се овозможи изградба на сличен број станбени единици како минатата година кога се издадоа одобренија за 7.894 станбени единици, со што би се почувствувало оптеретување на пазарот од аспект на зголемена понуда на станбен простор“ – велат од консултантската компанија ФОРТОНМКА.

Зголемувањето на цените на градежните материјали, како и растот на цената на работната сила, директно влијаеа на растот цените на становите по метар квадратен. Овој раст е иреверзибилен сè додека не се намалат цените на градежните материјали, од причина што растот е креиран врз врз основа на цените на истите, а не врз основа на нееднаквост меѓу понуда и побарувачка.
Стабилизацијата на глобалните економски текови во однос на покачувањето на цените може да биде долг процес, па оттаму и очекувањето дека овие цени на долг рок ќе бидат основ за купување на становите при што населението и банките ќе треба да се прилагодат на овој тренд.

Малопродажба – трговски центри

Во 2021 година, малопродажниот сегмент стабилно закрепнуваше од пандемијата. Клиентите се вратија на шопинг искуството во традиционалните формати на малопродажба поради потребата за социјална интеракција и физичко присуство. 2021 година беше обележана со отворањето на најголемиот трговски центар во Македонија, East Gate Mall и влез на пазарот за група долгоочекувани брендови.

Покрај најавените два нови проекти во Скопје, Diamond Mall и Cevahir Mall, фокусот во развојот на малопродажниот сегмент е позициониран во секундарните градови со тенденција за отворање на малопродажни паркови. Недостатокот на квалитетен простор, како и потребата за проширување на меѓународните брендови во другите градови освен Скопје, создава одлични можности за инвеститорите идните вложувања да ги насочат кон малопродажните паркови, но исклучиво според меѓународните стандарди за ваков тип проекти.

„Понудата на малопродажен простор надвор од организирани целини (трговски центри) значајно се зголемува и истата не е усогласена со реалната побарувачка. Ова е резултат на изградбата на компатибилни намени во сегментот домување, што резултира со предимензиониран малопродажен простор во голем број на станбени згради. Предлагаме поголемо внимание при планирањето и изградбата на објекти со компатибилни намени“, изјави Катарина Николов, оперативен директор на консултантската компанија ФОРТОНМКА.

Таа смета дека со најавените „Дајмонд“ и „Џевахир мол“ и во Скопје се изцрпува потребата од трговски центри.

Канцеларии

Сè повеќе компании бараат канцелариски простор на премиум локации или локации со лесен пристап до градската инфраструктура. Се преферира флексибилен простор кој може да се приспособува според потребите на клиентите, со обезбедени доволен број на паркинг места, за што генерално се претпочитаат деловни згради (современи бизнис центри) од класата А.
ИТ компаниите со најголема застапеност од 36% учествуваат во вкупно изнајмениот канцелариски простор. Воедно, побарувањата за најголеми површини по компанија доаѓаат исто така од ИТ индустријата. Поради постојаното проширување, овие компании закупуваат површина која е одраз на предвидениот повеќегодишен раст.

Фото: Б. Грданоски

80 % од вкупните трансакции во 2021 година се лоцирани во централното градско подрачје во Скопје, но со инфраструктурниот развој во другите делови од градот, компаниите ги имаат предвид и бизнис центрите во новите градски урбани зони надвор од централното подрачје.
Најчестите трансакции се однесуваат на закуп на канцелариски простор од 150 до 400 м2, но трендот на зголемување на површините во 2021 е обележан со трансакции кои достигнаа 4,000 м2.

Индустрија и логистика

Најзначаен развоен момент во сегментот индустрија и логистика во 2021 година е постигнат со фактот дека дури 73% од вкупната нова понуда на индустриски простор е наменета за изнајмување од страна на странски директни инвеститори и/или нивно проширување на капацитетите. Преостанатите 27% се наменети за сопствените потреби – најчесто малопродажни дистрибутивни центри на домашните компании.
Во вкупната закупена површина во 2021 година со 58% доминираат корисниците кои припаѓаат на автомобилската индустрија.


За дури 28,5% е зголемена просечната цена за закуп за новиот индустриски простор во 2021 споредено со 2020 година, која сега изнесува €4,5/m2. Најзначајни фактори за ова зголемување се зголемената побарувачка за квалитетен простор и порастот на цените на градежните материјали.
Вака зголемената основна закупнина обезбедува подобра инвестициска можност за развој на современи логистички паркови од поголем размер, како и нова понуда на простор од А класа која може да одговори на највисоките стандарди во индустриските капацитети.

ФОРТОНМКА е специјализирана компанија за обезбедување на услуги за комерцијален недвижен имот на локално и интернационално ниво.