Ковачки за интерпелациите: Ова не е политичка пресметка


Непосредно пред седницата на која се разгледуваат интерпелациите за пет члена на Судскиот совет, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки порача дека тие не се политичка пресметка, туку, како што рече, прв чекор кон демонтирање на коруптивниот систем создаден од власта на СДСМ и ДУИ во изминатите години.

 

– Ова не е прашање на партија, туку прашање на иднината. Ние, како парламентарно мнозинство сме должни пред граѓаните, пред идните генерации, пред оние кои заслужуваат да живеат во држава со правда, да донесеме одлука со која конечно ќе се стави крај на политичка контрола врз судството. Судскиот совет има два  проценти доверба кај граѓаните. Ова не е институција што ужива почит, ова е тело што служеше за политичка и бизнис мафијата да ги штити своите луѓе од одговорност, рече Ковачки.

Тој ги повика и сите опозициски партии да го покажат својот вистински став кон правдата.

– Нашите пораки се јасни: ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа „за“ интерпелацијата. ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе реформи со кои конечно ќе ставиме крај на партизацијата на судството. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ниту еден криминалец да избега од правдата само затоа што некогаш бил на власт. Судството мора да биде независно. Судскиот совет мора да биде ослободен од партиските влијанија. Затоа, денес е денот кога сите треба да се погледнеме во огледало и да си поставиме едноставно прашање – што ќе им оставиме на идните генерации? Заробена држава или вистинска правда? Граѓаните бараат одговорност. Македонија бара правда. Време е да ја испорачаме. Затоа гласаме „за“, рече театрално Ковачки.

Интерпелациите не се обврзувачки, и да се изгласаат, петтемина членови не мора да си дадат оставки. Од друга страна, на нив и така  им истекуваат мандатите. 

Во сите пет интерпелации има ист текст, при што кај  експретседателката Весна Дамева како причина е наведено  „незаконското разрешување на претседателката Весна Дамева од страна на потпретседателот Селим Адеми”.

„Кога Весна Дамева го водеше Судскиот совет, целата македонска јавност беше сведок на уште еден скандал кој несомнено придонесе кон дополнително нарушување на довербата во судството. Станува збор за скандалозното ‘разрешување’ на Весна Дамева, како претседател на Судски совет, од страна на нејзиниот заменик Селим Адеми кој исто така на 12.12.2019 година е избран за член на судскиот совет од страна на Собранието, заедно со Весна Дамева, без никаква процедура, спротивно на Уставот, Законот и Деловникот на Судскиот совет. Ова беше нотирано и во Извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија за 2023 година. Мора да се напомене и дека граѓанските организации и правните експерти го осудија овој чекор без преседан и ги повикаа сите членови на Советот да си поднесат оставки“, се вели во предложената интерпелација за Дамева. Сите членови за кои е поднесена интерпелација всушност беа на  страната на Селим Адеми и гласаа за разрешување на Дамева без законска у уставна процедура.
 
Судскиот совет брои 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца ги предлага претседателот на државата, но и нивниот избор го врши Собранието. Еден од овие двајца членови треба да биде припадник на помалите етнички заедници.

Осум членови, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државата.

Додека премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на 11 март очекува нивно разрешување од функциите, опозициската СДСМ обвини дека со овој потег се прави „груба партизација на Судскиот совет“ и дека овие постапки се спротивни на договореното на власта со ЕУ за реформската агенда.

На почетокот на јануари годинава, Александар Камбовски беше избран за нов претседател на Судскиот совет, откако на три дена пред истекот на мандатот, екс претседателката Весна Дамева поднесе оставка од функцијата, но сепак, остана член во телото. Таа обвини за политички притисоци од власта и директни напади од премиерот Мицкоски.По оставката, се случи и претрес во Судскиот совет. МВР по наредба на ОЈО Скопје изврши претрес со цел обезбедување два записници за проверка на евентуални елементи на кривично дело во врска со мандатот на поранешната претседателка на Судскиот совет.