Ковачевски до ЗЕЛС: Најголема инфлација беа ветувањата на градоначалниците

Премиерот изјави дека и општините треба да бидат одговорни во енергетската и економската криза, а не само да бараат помош од Владата


Ветувања од изборната кампања не можете да ги најдете ниту на интернет, рече премиерот Ковачевски за време на посетата на текстилната компанија „Текспорт“ (Фото: Прес-служба на Владата)

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека е нормално дека ќе има разговори со новите градоначалници за изнаоѓање подобри решенија за енергетската криза, меѓутоа порача дека сите страни треба да го дадат својот придонес за справување со кризата. Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денеска го посетија производствениот погон на компанијата „Текспорт“ во Илинден, при што одговарајќи на новинарски прашања, се осврна и на барањата на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за итен состанок со Владата со цел изнаоѓање на решение за проблемите предизвикани од  енергетската криза.

Ковачевски рече дека иако општините доминантно во овој момент се водени од опозицијата тоа не треба да претставува никаква причина за одржување или неодржување на состанокот. Како премиер има комуникација со дел од градоначалниците за теми коишто ги засегаат, а тоа особено го имал како заменик-министер за финансии, додаде премиерот.
 

„Меѓутоа, во оваа криза сите треба да придонесат со своето работење и однесување во надминување на предизвиците“, рече Ковачевски, при што се осврна и на изборните програми на новите градоначалници и на ветувањата кои што ги даваа.
 
„Најголемата инфлација беше во ветувањата. Тоа беа ветувања коишто кога ќе ги ставите на хартија се прашувате на кој начин ќе се финансираат и сега гледаме дека тие ветувања ниту на интернет не може да ги најдете“, посочи Ковачевски.
Тој додаде дека новите градоначалници сами ги правеле буџетите.
 
„Кога се правеше Буџетот на Македонија во него се предвиде ставка за справување со кризата. Јас сметам дека тоа требаше да го направат и општините. Околу топлификацијата во Скопје, ние разговаравме со Градот Скопје бидејќи тоа е комунална услуга која што Градот ја обезбедува за граѓаните и само со 500 илјади евра учество на Градот Скопје ќе можеше да придонесе за непречено снабдување на граѓаните со топлинска енергија. Но, Градот Скопје тоа го одби и Владата прифати да го поднесе целиот товар“, рече Ковачевски.
 
Тој нагласи дека и општините треба да бидат одговорни, како што е Владата, во намалувањето на тековните трошоци и во зголемувањето на трошоците кои што се однесуваат на справувањето со енергетската криза.
 
„Доколку донесат планови во кои е содржано справување со енергетска криза, притоа под број еден да намалат ставки кои што не се неопходни во овој период, а под број два да го зголемат своето оперативно работење, особено во прибирањето на даноците кои што се исклучиво во надлежност на општините. Кога има податок дека во општините се собираат само 47 проценти од даноците кои што изворни приходи на општините и со коишто тие располагаат, тогаш нормално ние ќе седнеме и сѐ она што е дадено од општините и државата секако дека ќе помогне“, рече Ковачевски.
 
Притоа, тој потсети дека државата веќе ја субвенционира цената на електричната енергија со цел да се избегне ценовен шок, а тоа се однесува на сите граѓани кои  живеат во сите општини. Потоа, дека малите потрошувачи се исто така на регулираниот пазар, градинките добиваат цена од универзалниот снабдувач, што значи дека и таму нема енормно зголемување на цената на електричната енергија, односно тие не се на либерализираниот пазар, како и електричната енергија произведена од обновливи извори на енергија која што беше испорачувана на универзалниот снабдувач, ЕВН хоум, сега се испорачува на компаниите на слободниот пазар, при што тие добиваат од таа електрична енергија пониска цена во однос на берзанската цена која што е на либерализираниот пазар.
 
Инаку, од ЗЕЛС вчера посочија дека градоначалниците веќе подолг период алармираат на повеќекратно зголемување на сметки за електрична енергија, а во некои општини и за повеќе до 500 проценти во однос на тие пред почетокот на кризата. Претставниците на ЗЕЛС побараа навремена реакција од Владата за надминување на оваа состојба, потенцирајќи дека доколку тоа не се случи скоро, ќе се доведе во прашање функционирањето на општините, но и на јавните претпријатија и образовните институции. Од ЗЕЛС порачаа дека за поголема финансиска самостојност потребно е зголемување на средствата од дотации и поголем процент од персоналниот данок на доход, како и данокот на додадена вредност.
 

Над 23 милиони евра изнесува неплатениот долг на општините, јавните претпријатија и државни институции кон ЕВН хоум, посочи претседателот на регулаторната комисија Марко Бислимовски во изјава за ТВ 24. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, наведе бројка од 13 милиони евра. Претходно, ЕВН се пожали дека има проблем со плаќањето на декемвриската и јануарската сметки за струјата што ја набавиле од државните електрани, по што Владата го задолжи ЕСМ да склучи договор со кој што ќе овозможи фактурите одложено плаќање на овие сметки до 1 јули годинава.