Почина таткото на Тоше Проески


Почина Никола Проески – татко на музичарот Тоше. Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка.

„Светол патот, татко мој“, напиша таа.

Музичарот Тоше Проески загина пред 16 години во сообраќајна несреќа во Хрватска. Неговите родители, Никола и Доминика, не се појавуваа во јавноста и немаа сила да бидат дел од низата настани кои се организираа во чест на Тоше.Не присуствуваа ниту на концертот посветен на Проески кој се одржа во Скопје во 2018 година, а на кој настапи неговиот внук Кристијан, бидејќи, како што тогаш раскажа Славен, многу им е тешко и болката по сите изминати години не поминува ниту пак се намалува.

Единствен пат кога Никола Проески се огласи во јавност беше во 2015 година, по повод објавените снимки на СДСМ, според кои тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески и неговата колешка Елизабета Канческа-Милевска зборуваат за наводна партиска непослушност на семејството на Тоше. Тогаш таткото на Тоше во изјава за 24 вести порача неговиот син да биде оставен да почива во мир.