Кавадарци со активности за подигнување на свеста против родово базираното насилство


Општина Кавадарци реализира активности за подигнување на свеста против родово базираното насилство, соопштија попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

– Во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, Општина Кавадарци, преку Комисијата за еднакви можности и службеникот за млади, организираше едукативна работилница посветена на превенцијата и препознавањето на родово базираното насилство. Работилницата се одржа во големата сала на локалната самоуправа, со учество на ученици од Гимназијата, кои преку анализа на фиктивни случаи, под менторство на претставници од ОВР – Кавадарци, психолог и социјален работник од здружението ЗРЕ – „Визија“, имаа можност да дискутираат, да разменат мислења и да стекнат знаења за препознавање и соодветно реагирање во ситуации на насилство – информираа од кабинетот на Јанчев.

Оттаму додадоа дека активностите се реализираат во неколку сесии, при што во текот на следната недела ќе бидат опфатени и учениците од останатите две средни училишта во Кавадарци.

– Преку ваквите едукативни активности, Општина Кавадарци продолжува да вложува во подигнување на свеста кај младите, поттикнување на одговорноста и градење средина во која насилството нема оправдување – потенцираа од кабинетот на Јанчев.