Агенцијата за супервизија на осигурување ја охрабрува Владата да ги намали цените на полисите за автомобилите


Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ја охрабрува Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во Тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

АСО како регулатор на пазарот на осигурување уште еднаш јавно информира дека е целосно неоправдан и без основа потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.Клучните аргументи против зголемување на цената се наведени во анализата што е доставена до надлежната комисија при Министерството за финансии.

Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Напротив, ова зголемување на цените е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување, велат од АСО.

Според изнесените податоци во анализата, во 2023 година вкупниот износ на настанати штети од осигурување од автомобилска одговорност (АО) изнесувал 39,3 милиони евра, што претставува 45,19 проценти од заработената премија, која во 2023 година изнесувала речиси 87 милиони евра .

„Оттука средствата кои се наплатени од страна на осигурителните компании се повеќе од доволни за исплата на основните обврски по настанатите ризици. Дополнителното зголемување на премијата би значело непотребно оптоварување на осигурениците и повеќе слободни средства за осигурителните компании за кои немаат оправдување за што би биле наменети освен дека планираат да ги зголемат оперативните трошоци (провизиски стапки на агентите и брокерите, плати за вработените, и профит за акционерите)“, пишува во анализата.

Агенцијата за супервизија потенцира и дека Македонија е меѓу последните земји во која граѓаните плаќаат дополнителна премија за зелена карта. Всушност и ова е осигурување од автомобилска одговорност, но не е задолжително и важи при патување во други земји (листата е долга).

„Македонија е меѓу последните земји во која граѓаните плаќаат дополнителна премија за зелена карта. Приливите во осигурителните компании по овој основ се значително повисоки од настанатите ризици во подолг временски период во минатото. Во вкупниот износ од 5.595.486.000 денари ( 91 милион евра н.з) бруто полисирана премија за осигурување од АО во 2023 година (47,19% од вкупната годишна БПП за неживотни осигурувања), дури 23,24% или 1.300.372.000 денари ( 21,1 милион евра н.з) се од наплатени премии за издадени зелени карти. Вкупниот износ на исплатени штети по основ на зелени карти во 2023 година изнесувал 502.815.000 денари (8,2 милиони евра) што е 38,7% од наплатените премии“, пишува во извештајот.

Вкупно 11 осигурителни компании (од пред една недела почна со работа и 12-та компанија) нудат осигурување од АО. Во 2023 година вкупните трошоци кои се настанати конкретно за оваа класа на осигурување, во апсолутен износ но и релативно во однос на приливите од премии по овие осигурувања, се разликуваат помеѓу осигурителни компании. Но, како што забележуваат од АСО, освен една компанија, сите останати 10 компании оствариле солидни добивки на крајот од 2023 година, главно како резултат на високото учество на приходите по основ на осигурување од АО.

Во анализата се укажува дека сите осигурителни осигурителните компании донеле одлука да се зголеми премијата за АО за 15 проценти, и покрај различната профитабилност.Добивката пред оданочување на Осигурителната полиса лани била 2 милиони евра, на Еуролинк 1,8 милиони, на Сава 149.000, а на Винер 55.500 евра.

„ Деловните одлуки да се зголемат премиите за ист процент од 15% кај сите компании ќе овозможи поголема комоција на осигурителните компании кои имаат доста високи профити да вршат распределба на вишокот на средства кои се неопходни за покривање на обврските од преземените ризици на товар на осигурениците, и поддршка за компаниите кои до сега не биле внимателни со управувањето со средствата и остварувале добивки на границата на солвентноста“, пишува во анализата.

Најавената седница на Владата на која Комисијата би ја пратила препораката за ограничување на маржата, со што на индиректен начин цените би се вратила по старо, никако да се закаже.