Ковачевски од Охрид: Нема откажување од иднината
Свесен сум дека патот на Македонија кон Европската унија е трнлив и тежок но тој е единствената шанса за суштински промени, воспоставување нов систем и европски животен стандард, рече вечерва во Охрид претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, при отворањето промотивен штаб на партијата.
„Јас сум прагматичен човек со долгогодишно искуство во бизнис секторот. Затоа не сакам да се расфрлам со празни ветувања и убаво спакувани фрази. За да го постигнеме тоа, за да имаме целосно нов систем тој мора да биде изграден по правилата на Европската унија и со нивен надзор. Како премиер на државата најдобро знам какви неправди има и каков напор е потребен за да продолжиме да чекориме по тој пат со исправена глава. Но, на нашата Македонија ѝ е потребно членството во ЕУ. Нам и на нашите млади ни е потребно европското семејство. Тоа не значи само дека ќе седиме на иста маса, рамноправно со најразвиените држави во Европа.
Знаеме дека во изминатите години направивме и одредени грешки. Точно знаеме и кои се тие грешки. Спремни сме да прифатиме критика, да се менуваме, да се подобриме“, рече Ковачевски.
„Нема откажување од иднината! Ние во СДСМ никогаш нема да се откажеме од тој пат. Затоа што тоа е вистинскиот пат кон подобра иднина. ДПМНЕ нема план за Европа, нема план за иднината и не може да донесе никаква суштинска промна а пример за тоа е хаосот во Скопје и нереализираните ветувања на градоначлниците од оваа партија ширум државата“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.