Ковачевски очекува демократски избори и победа на Пендаровски и СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 

Очекувам изборите да бидат демократски исто како и претходните локални и претходните парламентарни и победа на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и на коалицијата „За европска иднина“, предводена од СДСМ, изјави лидерот на партијата и поранешен премиер Димитар Ковачевски.

„Во однос на изборите очекувам да бидат демократски избори. Ние докажавме дека изборите по 2016 година во Македонија се демократски избори, изградивме демократски институции, ја вративме демократијата. Вие знаете дека до 2016 година бевме заробена држава во која што институциите беа злоупотребувани од страна на една политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Овие избори очекувам да бидат демократски исто како и претходните локални и претходните парламентарни. Очекувам победа на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и победа на коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ“, изјави Ковачевски по учеството на  средба со граѓански организации насловена „Соработка и дијалог со граѓанското општество – состојби и перспективи“ организирана од СЕП.

Прашан за тоа кога ќе бидат поднесени листите на кандидатите за пратеници со кои коалицијата ќе настапи на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај, Ковачевски кажа дека тие ќе бидат поднесени во текот на денот, односно во законскиот рок.

„За изборните листи имавме состанок утрово, веројатно во текот на денешниот ден ќе бидат поднесени. Значи, ќе бидат поднесени во законскиот рок. За тоа има задолжена служба во партијата“, рече Ковачевски.

По средбата со граѓанскиот сектор вицепремиерот Бојан Маричиќ рече дека уделот на граѓанското општество беше од клучно значење во приготвувањето и прифаќањето на стратегиите и законите во области како антикорупција, антидискриминација, социјална и здравствена заштита, транспарентност, отчетност и отвореност на институциите, реформата на правосудниот систем и јавната администрација, како и политиките на промоција на мултикултурализмот и интеграцијата во ЕУ.

Тој истакна три точки за соработката со граѓанскито сектор: 1. Континуираното работење на независен, репрезентативен, оперативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество; 2. Унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации и функционирање на Фонд за поддршка и развој на граѓанското општество и кофинансирање на проекти на Европската унија; и 3.  Вклучувањето на граѓанските организации во процесот на преговори со Европската унија.