Ковачевски: МФ подготвува нова Програма за реформа во управувањето со јавните финансии 2022-2025


Во Министерството за финансии отпочнати се активности за подготовка на Програмата за реформа во управувањето со јавните финансии за периодот 2022 -2025 година во која приоритет е управувањето на внатрешната ревизија.

– Владата на Република Северна Македонија е посветена на спроведувањето на реформите во управувањето со јавните финансии. За таа цел е донесена „Програмата за реформа во управувањето со јавни финансии 2018-2021“ , во чии рамки еден од приоритетите е внатрешната контрола. Унапредувањето на внатрешната ревизија и внатрешната контрола останува приоритет и во новата „Програма за реформа во управувањето со јавните финансии 2022-2025“ за која се почнати активности во Министерството за финансии, истакна заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски на отворањето на заедничкиот настан на „PEMPAL Internal Audit Community of Practice“ и Министерството за финансии.

Прирачниците кои се производ на заемната соработка на државите коишто ја сочинуваат PEMPAL заедницата, како што истакна Ковачевски, значајно ќе придонесат во имплементирање на голем дел од активностите во делот на внатрешната ревизија и внатрешната контрола, коишто ќе бидат дел од новата Програмата за реформа во управувањето со јавни финансии.

-Внатрешните ревизори се една од најзначајните алки во целиот систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор. Затоа е потребно во континуитет да се практикува размена на искуства и најдобри практики од работењето, со што ќе се унапредува квалитетот на работењето на внатрешната ревизија, а истото ќе придонесе и за унапредување на менаџерската отчетност и внатрешните контроли, рече Ковачевски.

Соопшти дека Министерството за финансии ги има започнато и активностите за основање на Академија за јавни финансии, со што ќе се обезбеди стабилна основа за континуирана едукација на јавната администрација од областа на управувањето со јавните финансии што пак ќе придонесе во создавањето на модерна и стручна администрација за обезбедување квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.

-Со основањето на Академијата за јавни финансии, во иднина се отвораат можности за продлабочување и проширување на соработката со PEMPAL, нагласи Ковачевски.

На настанот, претставници од Министерството за финансии, PEMPAL IACOP, како и внатрешни ревизори од јавниот сектор дискутираат за системот за внатрешна контрола во земјава, добрите практики во земјава и искуството на одделот за внатрешна ревизија на МФ, проценка на ефективноста на внатрешната контрола и слично.

PEMPAL е мрежа за олеснување на размената на професионално искуство и пренос на знаење меѓу експертите на финансиско упавување во јавниот сектор низ Европа и Централна Азија, додека целта на IACOP е да ги поддржи своите земји-членки во воспоставувањето на модерен и ефективен систем за внатрешна ревизија коj е во согласност со меѓународните стандарди.