Ковачевски: Дел од коалициските партнери направија бизнис од етничките прашања

Ние сме цврсто решени да ставиме крај на злоупотребите и личните богатења, порача Ковачевски од централниот митинг најавувајќи дека нема веќе одлагање на ветингот


 

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на централниот митинг  пред седиштето на Европската делегација во Скопје упати јасна критика до својот доскорешен коалиционен партнер ДУИ, без да ги именува директно, оценувајќи дека „некои ја преминале црвената линија “.

„Јас немам предрасуди и немам ни грам лична и политичка суета, но признавам дека во изминатиот период правевме грешки, најмногу кадровски, но и политички. Да, дел од коалициските партнери, албански и дел од македонските, ја преминаа црвената линија и од етничките прашања правеја бизнис, лични кариери и професија и тоа мора да се промени“, рече Ковачевски.   

Дождот кој цело време паѓаше не спречи повеќе илјади луѓе да се појават на митингот, кој беше и своевидно отворање на парламентарната кампања иако таа почна пред три дена. Ковачевски во говорот се осврна и на корупцијата, како втора слаба точка на СДСМ. 

„Македонија не успеа изминатите триесетина години да се справи со корупцијата и организираниот криминал. Сега е последна шанса да се победи во оваа борба. Ние сме цврсто решени да ставиме крај на злоупотребите и на личните богатења. Нема да има веќе одложување на ветингот, ќе го спроведеме веднаш по 8 мај. Секој ќе мора да покаже како купил станови, коли… Мора да направиме разлика меѓу чесните и нечесните, меѓу способните и неспособните…“, порача Ковачевски, најавувајќи дека тој и неговите сопартијци ќе бидат првите што ќе поминат низ овој процес. Раководни места во министерствата и во институциите, според него, ќе има само за тие што ги заслужиле со својот интегритет и чесност. 

Генерално тој порача дека СДСМ е државотворна партија што ги влече своите корени од „социјалистот Гоце Делчев“, па ги наброја сите што ја предводеа, како Петар Гошев, Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев, Владо Бучковски… до ова раководство. Едно нешто заедничко за сите нив, рече тој, е што ништо не може да ги спречи во намерите за подобра Македонија, а најмалку еден дождлив ден во Скопје.

Поентирајќи околу лошото време кое го следеше митингот, Ковачевски ги повика присутните да ги тргнат чадорите, бидејќи не се направени „од лажните чоколади на Никола Груевски и на Христијан Мицкоски, ни од лажниот стиропор и барок на ВМРО-ДПМНЕ“, со порака дека така ќе ги видат колку се од „платениот национален сервис од партиски пари колку ги има за европска Македонија“.

Тој го повтори слоганот на кампањата, дека СДСМ нема да се откажат од европската иднина на државата бидејќи таа заслужува да биде членка на ЕУ.

„Нема откажување од членството во  европското семејство, нема откажување од подобар живот, нема откажување од европски стандард и од европските вредности. СДСМ го обезбеди членството во НАТО, СДСМ ги отвори преговорите со ЕУ по 17 години чекање, ние го докажавме тоа“, порача Ковачевски на митингот. 

Според него, членството во ЕУ е единствена шанса за вистински и суштински промени во нашето општество. 

„Знаеме дека патот до ЕУ не е лесен. Свесни сме дека ЕУ не секогаш беше фер кон нас. Но, дали тоа значи дека треба да се откажеме? Апсолутно не! Со заеднички сили ќе ја придвижиме државата кон Европската Унија, рече Ковачевски, додавајќи дека додека СДСМ ја внесуваше државата во НАТО и ги отвораше преговорите со ЕУ, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги заплашуваа граѓаните дека ќе останеме без јазик, без идентитет и без култура.

Докажавме дека таква опасност не постои. Македонскиот јазик е зачуван! Македонскиот идентитет не е чепнат! Македонската култура е призната и препознаена во целиот свет! Затоа нудиме и бараме национален консензуз, за да се спротивставиме на силите и луѓето кои сакаат Македонија да ја направат повторно своја приватна фирма, свој криминален вилает, за да крадат и грабаат“, истакна Ковачевски.

 

Откако ги спомена сите кризи со кои се соочи СДСМ додека владееше, од пандемијата, енергетската криза, инфлацијата, тој рече дека во ниту еден момент како власт не се повлекле, во ниту еден момент не се предале, ниту пак во било кој момент барале оправдувања и други виновници, туку како што доликува на одговорна и посветена партија ги решавале проблемите, дале 100 милиони евра на компаниите и дале помош  на граѓаните со што ги спасиле економијата и општеството. 

„Ако претходно дилемата беше дали ќе не биде или не, денес главната дилема е дали ќе бидеме членка на ЕУ или не, тоа е вистински прогрес“, рече Ковачевски. 

Нагласувајќи дека нема ништо лесно во животот, дека ништо не се добива на подарок, ниту пак бесплатно, Ковачевски рече дека не чекал со години во некој административен кабинет за да дојде на функцијата туку работел. Тој исто така нагласи дека лично нема ни имот ни сметка во странство, дека семејството му е исто така тука и дека, како другите граѓани, сака Европа да ја прави во Македонија, бидејќи граѓаните сакаат исти услови за сите, сакаат ист систем за сите, ист стандард за сите, ред и поредок и безбедна и чиста околина.

Притоа тој најави дека СДСМ, ако остане на власт, ќе ги отстапи државните енергетски компании на граѓаните така што сите ќе добијат акции. Притоа тој најави дека со СДСМ ќе се зголеми производството на енергија од обновливи извори за 100 отсто, дека нема веќе да има увоз на струја туку сите потреби ќе се задоволат од домашното производство, дека ќе се забрани изградбата на мали хидроцентрали, дека ќе се исчисти државата и дека мора и ќе има чист воздух и чиста вода насекаде низ Македонија.

 

На крајот тој им се обрати на граѓаните со пораката дека на овие избори не одлучуваат само која партија ќе ја води државата во наредните четири години. 

„Правото на глас е највредниот симбол на демократијата. Затоа, многу е важно кому ќе му го дадете вашиот глас и правото да ја води државата во наредните четири години. Јас сум свесен дека таа одлука не е лесна. Но, запомнете, на 8-ми мај изборот нема да биде само помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. На 8-ми мај, а и во првиот круг од претседателските избори сега во среда, одлучуваме помеѓу надеж за подобра и просперитетна иднина во ЕУ и безнадежност, очај и враќање во мрачните времиња кога со Македонија царуваше менторот на Мицкоски – Никола Груевски“, рече Ковачевски. 

За време на својот говор, Ковачевски на бината ги повика и останатите 11 носители и ко-носители на кандидатските листи на СДСМ и Коалицијата „За европска иднина“. 

„Тоа се луѓе кои се подготвени да ги вложат сето свое знаење, ветшини, искуство и капацитет во нашиот план за европска Македонија. Сите ние заедно нема да се откажеме додека не го исполниме ветувањето за подобра европска иднина за сите граѓани“, порача Ковачевски. (Н.В.) (Фото: Борис Грданоски)