ВМРО-ДПМНЕ ја спореди прославата на независноста со „приватна журка“ на Заев во Дубаи
Бранејќи се од нападите на СДСМ дека ги распродаваат националните богатства на Македонија заради личен интерес, ВМРО-ДПМНЕ освен што оценија дека СДСМ е против развој на државата, отидоа подалеку и прославата за независноста ја споредија со „приватната журка“ на Зоран Заев и Венко Филипче во Дубаи на која пеел Џарис Џиновиќ, иако првата е платена со пари на граѓаните ( и тоа нетранспарентно), а втората со приватни.
-Распродавачите на националните интереси СДС и Филипче, велат дека Македонија не е на продажба и не сакаат државата да се развива. Оние кои и ги направија најголемите предавства, кои го сменија името, потпишаа бланко документ за бугарските барања и ги распродаваа националните интереси, Венко Филипче и СДС, велат Македонија не е на продажба. Која иронија од оние кои додека го менуваа името ги убедуваа граѓаните дека со тоа Македонија ќе стане членка на ЕУ и така ќе ја омажеле во богата фамилија, а сега се против секој развој државата, а добивме само слика од авион.
Тоа се луѓето како Филипче и Зоран Заев кои дебело профитираа од промената на името и распродажбата на националните интереси, па сега имаат за златни визи и милионски инвестиции во високо катница, станови во Дубаи, додека државата се пљачкаше, а граѓаните осиромашуваа.
Тоа се тие Филипче и Заев кои ветуваа бесплатно европско здравство, а граѓаните добија руинирано здравство, само со провизии за вакцини, проценти за модуларните болници, наместени тендери и набавки.
Тоа се истите луѓе, кои ликуваат неуспех и застој на Македонија, со фирми во Бугарија, јахти во Грција, акции во индиски авиокомпании.
Додека владата се бори за инвестиција плус која ќе донесе развој на економијата, високата технолошка индустрија, рударството, повеќе работни места, СДС и Филипче се против.
Тие не сакаат во Македонија да се градат рудници и дата центри, зошто тие признаваат само марихуана економија со лиценци за медицински канабис само за блиските до струмичкиот клан. Двојните стандарди на Филипче и СДС на кој му смета Дејвид Гета, но нема ништо против на приватна журка со Заев во Дубаи да му пее Харис Џиновиќ, нема да им поминат, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.