Мицкоски на средба со македонската заедница во САД


Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, денеска присуствуваше на традиционалниот собир на Македонците од регионот на Њујорк и Њу Џерси, јави специјалниот известувач на МИА од  Њујорк.

– Денеска присуствував на литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, каде што остварив средба и со нашата македонска заедница. Благодарност за топлото гостопримство и за посветеноста со која Македонците во дијаспората ја чуваат врската со татковината. Нашата грижа и поддршка за македонските заедници надвор од Македонија останува силна, затоа што каде и да се нашите луѓе, таму е и дел од Македонија, се посочува и во објавата на премиерот Мицкоски на неговиот фејсбук профил.

Државната делегација беше топло пречекана во црквата „Свети Кирил и Методиј“, каде богослужеше отец Гоце Постоловски. 

– Големо задоволство ни е да имаме ваква посета, во нашата заедница, да се види премиерот со наши луѓе и да седне со нас. Тоа не може да се види и доживее секој ден, изјави Тони Коцевски, претседател на црковната заедница Свети Кирил и Методиј.

На прашањето кои се неговите очекувања од матичната држава, Коцевски рече дека „од соработката на Македонија со дијаспората очекува да се работи секој ден, да има повеќе инвестиции, луѓето да сакаат да се вратат и да имаат подобри опции за живот во Македонија”.

За Синиша Спасовски, наш иселеник во Њујорк, посетата на премиерот Мицкоски значи посветеност, „не само на Македонците во Македонија, туку и на Македонците кои се надвор од Македонија“.

– Овој знак на внимание од државата ни дава чувство дека не сме оставени сами на себе, туку дека нашата држава и нашите државници водат грижа за нас и сакаат посетите во странство да бидат насочени не само кон странците туку и кон нашинците во тие држави, рече Спасовски.

Државната делегација предводена од премиерот Мицкоски престојуваше во Вашингтон на средби со американските власти, а сега е во Њујорк за годишното заседание на Обединетите Нации. 

 

 

Фото: МИА, ФБ и X на премиерот Христијан Мицкоски