„Костал“ инвестира 50 милиони евра, нови 250 вработувања во следните 4 години


„Костал Македонија“ денеска во кругот на фабриката во Охрид, ја промовираше третата фаза од инвестцискиот циклус во кој се предвидени вложувања од 50 милиони евра што ќе овозможи нови 250 вработувања во следните четири години.

„Импресивни се плановите за во иднина. Импресивни се и новите инвестиции од 50-тина милиони евра во следниве 4 години, но и планот за извоз поголем од половина милијарда“, изјави премиерот Христијан Мицкоски кој ја посети фабриката.

Тој додаде дека кога ќе се додадат и други можни инвестиции во Македонија од страна на „Костал“ тоа значи дека Владата треба да има посебен пристап кон однесувањето на инвеститорите без разлика дали се тоа странски или домашни, како и дека ваков тип на инвестиции треба да се поддржуваат и да се охрабруваат што повеќе да инвестираат.

„Инвестирање, обезбедување на добро платени работни места и извоз. Само така можеме да бидеме во радарот и на мапата на светските случувања. Сè останато е импровизација“, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на активностите на „Костал“ во делот на општествената одговорност, како и во образувањето соодветни кадфри преку дуалното образование, дополнителната обука за наставниот кадар на учениците, но исто така и во високото образование.

„Мислам дека тоа претставува една одлична синергија помеѓу општеството, општината, политиката, Владата и компанијата ‘Костал’“. рече премиерот Мицкоски.

Она коешто го видов внатре прво ме инспирира како универзитетски професор, како човек којшто предава предмети од полето на мехатрониката, навистина импресивно. Би рекол заедно со најсовремените и најмодерните светски текови се произведува овде кај нас во Охрид.

Во „Костал Македонија“ се вработени над 1.150 лица кои произведуваат модули и делови за возила, односно за познати светски брендови, како Мерцедес, Фолксваген итн.