Кошмарот на глобалниот синџир на снабдување ќе се влоши


Недостиг на компјутерски чипови. Епски метеж на пристаништата. И сериозен недостиг на возачи на камиони. Деликатните синџири на снабдување во светот се под екстремен стрес.

Кошмарот на синџирот на снабдување ги зголемува цените за потрошувачите и го забавува глобалното економско закрепнување. За жал, Moody’s Analytics предупредува дека прекините во синџирите на снабдување „ќе се влошат пред да се подобрат“.

„Додека глобалното економско закрепнување продолжува, се поочигледно е дека ќе биде попречувано со прекини во синџирот на снабдување, кои сега се појавуваат на секој агол“, пишува Мудис во понеделничкиот извештај.

Навистина, ММФ во вторникот ја намали прогнозата за раст на САД во 2021 година за еден процентен поен, што е најмногу за секоја економија на Г7. ММФ ги наведе прекините во синџирот на снабдување и слабеењето на потрошувачката – што и самата беше делумно предизвикана од тесните грла во синџирот на снабдување, како што е недостигот на нови автомобили во услови на недостиг на компјутерски чипови.

„Граничните контроли и ограничувањата за мобилност, недостапност на глобална пропусница за вакцините и зголемената побарувачка заради домашните застои се комбинираа во „совршено невреме“ каде глобалното производство ќе биде отежнато бидејќи испораките не се извршуваат навреме, трошоците и цените ќе се зголемат и како резултат на тоа, растот на БДП во светот нема да биде толку силен “, пишува Мудис во извештајот.

Според Мудис „најслабата алка“ може да биде недостигот на возачи на камиони – проблем што придонесе за застој во пристаништата и предизвика „пресушување“ на бензинските пумпи во Обединетото Кралство. За жал, Мудис предупредува дека пред нас се „темни облаци“ бидејќи неколку фактори го прават надминувањето на ограничувањата во снабдувањето особено предизвикувачко.

Прво, фирмата укажа на разликите во начинот на кој земјите се борат против Ковид, при што Кина се стреми кон нула случаи, додека Соединетите држави „се повеќе подготвени да живеат со Ковид-19  како ендемична болест“.

„Ова претставува сериозен предизвик за усогласување на правилата и прописите со кои транспортните работници се движат во и надвор од пристаништата и центрите низ целиот свет“, пишуваат аналитичарите.

Второ, Мудис го наведе недостатокот на „усогласени глобални напори за да се обезбеди непречено функционирање“ на светската логистичка и транспортна мрежа.

Други се многу пооптимистички за изгледите на синџирите на снабдување.

Извршниот директор на JPMorgan Chase, Џејми Димон, во понеделникот рече дека овие „икања“ во синџирот на снабдување брзо ќе исчезнат.

„Ова воопшто нема да биде прашање следната година“, рече Димон за време на конференцијата одржана од Институтот за меѓународни финансии, објави CNBC. „Ова е најлошиот дел од тоа. Мислам дека одличните пазарни системи ќе се прилагодат како што тоа го направија компаниите”. (Си-Ен-Ен)