Кошаркарите максимално се подготвуваат за дуелот со Ирска
Македонската машка кошаркарска репрезентација влегува во завршниот дел од подготовките за последните два натпревари од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
Пред избраниците на селекторот Жозе Мариа Берокал се дуелите со Ирска и Луксембург, од чии исходи ќе зависи конечната позиција на табелата во групата „А“.
Македонската селекција е на чекор од обезбедување на првото место, а целта е со нови победи да се потврди лидерската позиција и пласманот во главната квалификациска фаза.
„Нè очекува еден од најбитните натпревари досега. Со победа против Ирска ќе го обезбедиме првото место во групата и затоа мора да се подготвиме најдобро што можеме. Имаме нов играч во репрезентацијата, хемијата во тимот е добра и останува на нас да победиме“, изјави крилниот центар Андреј Јакимовски, кој од вчера е дел од подготовките на националниот тим во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.
Ирска во Скопје ќе пристигне со променет состав, што дополнително ја зголемува неизвесноста пред средбата.
„Ќе биде тешко, затоа што Ирците доаѓаат со нова екипа. Со пет-шест нови играчи. Не знаеме колку се тие добри играчи и како играат, но останува на нас да го добиеме натпреварот“, посочи Јакимовски.
За разлика од претходниот февруарски циклус, националниот тим овојпат има повеќе време за подготовка и за запознавање со барањата на новиот стручен штаб.
„Имаме доволно време да се запознаеме со она што го бара селекторот, со неговиот систем и начин на работа. Работиме напорно секој ден и засега работите одат одлично“, додаде Јакимовски.
Македонската репрезентација утре во Скопје ја пречекува Бугарија во контролен натпревар, по што следуваат дуелите од европските претквалификации, против Ирска на 2 јули на домашен и против Луксембург на 5 јули на гостински терен.