Кос ни кажа како се создава доверба меѓу Македонија и Бугарија

Кос ни го продолжила рокот за донесување на Изборниот законик, за 100 отсто да ги исполниме барањата на ЕУ за овој период


Усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување, изјави Марта Кос (Фото: Б. Грданоски)

 

Еврокомесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос, јасно ја „нацрта“ намерата Македонија со Црна Гора и со Албанија да стане земја членка на ЕУ во скорешна иднина,  практично молејќи го државниот врв да направи чекор и да им ја олесни таа задача – иницирајќи процес за уставни измени.

Фалејќи ја реформската агенда на Македонија повеќе отколку што заслужува, таа меѓу редови прати порака дека Брисел прави силно досие за Македонија со кое ќе притиска да се забрза нашата евроинтеграција. Иако премиерот Христијан Мицкоски звучеше како расипана грамофонска плоча повторувајќи го познатиот став за „почит и достоинство“ при влегувањето во ЕУ, на прашањето како ќе одговори на ова барање на Кос за уставните измени – одговори многу одоколу, така што е нејасно што всушност одговорил зад затворена врата.

Затоа пак беше очигледно колку му годеа фалбите од Кос за реформите и потврдата со „печат“ од ЕУ – дека сме земја „фронтранер“ по исполнувањата во регионот, при што останува уште да се постигне договор за Изборниот закон, и да имаме сто отсто исполнување на барањата од ЕУ, поради што е и продолжен рокот до кога ќе нѐ чека Брисел.

Фото: Б. Грданоски

Ова е сумирано кажано впечатокот од денешната прес-конференција на премиерот Мицкоски и еврокомесарката Кос од Скопје, која доаѓа по вторпат откако е на оваа функција и по долго отсуство од точно една година. Кос, поконкретно, порача дека „Северна Македонија има реална можност да напредува кон полноправно членство во Унијата“, но нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување на пристапниот процес. Таа истакна дека е потребен и заеднички меѓупартиски консензус за Изборниот законик за да може целосно да се искористи моментумот во процесот на евроинтеграциите.

„Потребно е да се постигне заеднички меѓупартиски консензус за да може да имаме 100 отсто успех, и се надевам дека тоа ќе се случи. А, кога тоа ќе се случи, тоа ќе биде во полза на државата, затоа што пристапните преговори ќе се придвижат нанапред. Реформската агенда и она што го правите во Планот за раст, и од друга страна пристапниот процес, во одреден дел ќе се спојат. Северна Македонија тогаш може многу побрзо да се приклучи кон оние напредни земји“, рече Кос.

Таа посочи дека придобивките од приближувањето кон Европската унија веќе ги чувствуваат граѓаните и компаниите во земјата, наведувајќи дека следуваат преговори за укинување на роамингот, нови можности преку програмата „Еразмус плус“, поврзување со европските иницијативи за вештачка интелигенција, пристап до европските програми за здравство и зајакнување на сајбер-безбедноста.

„Полноправното членство ќе донесе уште поголеми придобивки, ќе донесе еднакви права и еднакви можности за вашите граѓани и за вашите бизниси, и уште поголема поддршка за изградба на инфраструктурата и помош за руралните региони. Но, откако ќе бидете полноправна членка, земјата навистина ќе добие многу повеќе. Би сакала да го објаснам ова со случајот на Црна Гора. Знаеме дека Црна Гора е предводник и ќе добијат трипати повеќе средства во финансиска помош од ЕУ отколку што добиваат сега. Ќе имаат веднаш придобивки, а ние истото го сакаме и за Северна Македонија, но усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување“, изјави Кос.

Процесот на проширување не се темели на однапред дадени гаранции, туку на доверба и исполнување на обврските, рече Кос (Фото: Б. Грданоски)

Еврокомесарката оцени дека Европската Унија до 2028 година би можела да добие нова земја членка од Западен Балкан и порача дека Северна Македонија треба да биде меѓу државите што ќе напредуваат најбрзо.

„Направивме многу повеќе отколку во претходните 15 години заедно. Има сериозни изгледи дека до 2028 година ЕУ ќе има уште една земја членка, а тоа е од територијата на Западен Балкан. Секако, Северна Македонија треба да биде меѓу тие кои ќе се движат напред. Имате ваше место во Европската унија како полноправна земја членка, и дозволете ни да работиме заедно. Вие, Владата, сите засегнати страни тука во Северна Македонија, и ние, Европската унија, и јас лично со мојот тим, за да ја оствариме оваа мисија и визија и да станат реалност“, порача Кос. 

Околу прашањето дали Европската унија може да понуди гаранции дека во текот на пристапните преговори нема да се појават нови билатерални спорови за Македонија, еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека процесот на проширување не се темели на однапред дадени гаранции, туку на доверба, исполнување на обврските и посветена работа.

На дополнителното прашање како може да се изгради таква доверба со земја членка која не ги признава јазикот и идентитетот, Кос потсети дека токму така била создадена Европската унија од две држави дотогаш непријатели.

„Драго ми е што го поставивте прашањето за довербата, затоа што на тоа е изградена Европската унија. Кога започна, таа не започна како политичка заедница, туку како заедница на челик. Тоа не беше добра политика на меѓусебни односи. Но она што го ценам, зборувам навистина за сериозното минато во доцните педесетти од минатиот век, бидејќи довербата меѓу претходните непријатели, како Германија и Франција, произлезе од довербата дека ќе ја градат заедно структурата, нешто подобро отколку да се борат меѓу себе“, рече Кос.

Таа нагласи дека не може да дава совети како Северна Македонија да ја изгради довербата со соседите, но посочи дека колку е поголема довербата, толку полесно се одвива пристапниот процес.

„Да, се согласувам со вас, довербата е важна, но како ќе ја изградиме довербата? Нема рецепти за тоа. Јас не сум онаа која може да ви дава совети за тоа како да изградите доверба со вашите соседи. Но, она што го знам е дека колку повеќе доверба имате, толку полесно ќе напредувате низ пристапниот процес“.

Кос посочи дека довербата не се создава со декларативни пораки, туку со конкретни постапки, почитување на меѓународното право и соработка.

„Она што сакам да го кажам е, како можеме да ја изградиме довербата? Можеме да ја изградиме довербата не само со добри зборови, туку и со добри дела. Може да градиме доверба со избегнување дејства и зборови што може да зголемуваат тензии, може да ја зголемиме довербата кога ќе го почитуваме меѓународното право, ќе ги решаваме споровите по мирен пат, може да градиме доверба преку соработка на заеднички прашања“.

Владата останува посветена на реформи, рече Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

Уште повеќе, таа додаде дека градењето доверба не се однесува само на една земја членка, туку на односите со сите 27 членки на Европската унија.

„Градењето доверба е поддршка на регионалната стабилност, и градењето доверба не се однесува само на една земја членка, туку градењето доверба е да се изгради доверба со сите дваесет и седум земји членки“, изјави Кос. 

На истото прашање одговори и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека Владата останува целосно посветена на реформите и дека за државата нема друга алтернатива освен членството во Европската унија.

„Денеска за нас е убав ден, затоа што сите ние и македонската јавност можеше да слушне тоа кое што ние го зборуваме, а тоа е дека работиме многу фокусирано и посветено на реформите и на реформската агенда. И, како резултат на таа посветена работа, како што досега никој не ја направил во минатото, ќе добиеме дополнителни средства, што ги заслуживме со оваа напорна работа и ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро во периодот кој што следи. Јас сум убеден дека ние како Влада сме вистинскиот фронтранер кога станува збор за квалитетот и брзината на испораката, посветеноста и работата. И, во таа насока ќе продолжиме да работиме. За нас нема во моментот никаква друга опција, ниту план Б. За нас единствена опција е членство во рамките на Европската Унија и посветеност во делот на испораката на реформите“, изјави Мицкоски. 

На почетокот тој рече дека денешната средба и посета претставувала можност за отворен, искрен и суштински разговор за нашата европската перспектива, за реформите што ги спроведуваме и за потребата процесот на проширување да остане доследен на принципите врз кои е изградена Европската унија – доверба, предвидливост, еднаков третман и почитување на достоинството на секоја држава кандидат.

Тој рече дека цел на Владата е изградба на функционални институции, посилно владеење на правото, поефикасна јавна администрација, конкурентна економија и амбиент што ќе ја зајакне довербата на граѓаните кај инвеститорите. Откако порача дека ја цени поддршката на ЕУ за остварување на реформите, Мицкоски продолжии со фамозното „но“, дека истовремено очекуваме „европската интеграција да остане процес кој се темели на јасни критериуми, на вредности и на исполнување на реформските обврски, а не процес кој ќе биде оптоварен со билатерални прашања што создаваат неизвесност кај македонските граѓани“. Во стилот вие ќе ни давате пари и обврски, ние ќе ви даваме услови ако сакате да станеме членка. 

Со уверување дека секој исполнет критериум ќе биде вреднуван на објективен и предвидлив начин, тој нагласи дека сега е важно да постои доверба дека процесот ќе продолжи според истите правила што важат и за сите други кандидати, и за сите држави коишто биле кандидати.

„Секое трајно решение треба да биде засновано врз заемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна, предвидлива европска перспектива“, додаде тој.