Контрола во угостителските објекти во Битола


Општина Битола во соработка со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и СВР Битола, спроведе низа активности за контрола на угостителските објекти во градот.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола денеска информираат дека Општинскиот инспекторат на терен врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност, односно се контролира дали објектите ги исполнуваат минимално техничките услови согласно правилникот за минимално технички услови донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста.

-Контролираните објекти доколку имаат недостиг од одреден документ, имаат рок за обезбедување, а ако не ги обезбедат ќе бидат избришани од регистарот за вршење на угостителска дејност. Според Законот за угостителска дејност, за физичките лица, општината е надлежна да издаде категоризација за конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти, угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи, угостителски услуги во апартмани и соби за одмор, угостителски услуги во селски домаќинства и угостителски услуги во пловни објекти. Исто така, Општинскиот инспекторат во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола вршат проверка на терен, дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати кои што треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за противпожарна заштита, за животна средина, нагласуваат од локалната самоуправа.

До Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Битола, доставило допис со известување до угостителските објекти на територијата на градот Битола, за непостапување согласно Законот за угостителска дејности и од нив е побарано во рок од 3 дена да достават лиценца, дозвола за работа на објектот согласно Законот за угостителска дејности и работно време на објектот.

Од Општина Битола соопштуваат дека согледувајќи ги сите аспекти од законските регулативи, постојат одредени недоречености, односно неусогласености меѓу Законот за угостителство во однос на Законот за градење и Законот за животна средина. Оттука, нагласуваат од општината, испратен е допис до наделжните институции во кој се посочува на потреба од законски измени, пред се во регулативата со документите, кои што се пополнуваат за вршење на одредената угостителска дејност, како и во делот на надминување на недореченостите во законските одредби.

Во наредните денови, продолжуваат координираните активности на терен со надлежните инспекциски служби и СВР Битола.