Констракта номинирана за „Греми“
Српската евровизиска претставничка Констракта која годинава на Евросонг во Торино, Италија го освои 5.место ( единствена од екс-Ју се пласираше во финале) и воодушеви со необичната песна “In Corpore Sano” , доби ново големо признание.
Таа на Инстаграм објави дека е номинирана за престижната награда Греми и тоа во две категории-најдобар нов изведувач и најдобра светска изведба. Номинацијата доаѓа од засега непознат член на Академијата за дискографски уметности и науки.
Веста беше објавена на нејзините официјални социјални мрежи и беше пречекана со лавина од позитивни коментари и огромна поддршка.
Првиот круг на гласање е во тек, а ќе трае до оваа недела (23 октомври), а добитниците на наградите ќе бидат официјално објавени во ноември.
Пред триумфот на Беовизија, малкумина веруваа дека Ана Ѓуриќ, попозната по уметничкото име Констракта, ќе постигне ваков забележителен успех. Нејзината песна In corpore sano, уникатна комбинација на музика и концептуална уметничка изведба на сцената, ја воодушеви публиката ширум светот.

Констракта во Торино од регионално чудо се претвори во можно изненадување на Евровизија , таа беше рекламирана од светските медиуми, кои навистина не знаеја како да им го објаснат нејзиното значење и важност на своите читатели, и слушатели. Затоа, се што е на некој начин за публиката од слично говорно подрачје е очигледно.
“Некои евровизиски фанови реагираа многу добро на бизарната песна на Србија, која содржи необична референца за косата на Меган Маркл. Длабоко хидрираната коса на поранешната војвотка од Сасекс беше пофалена во песната “In Corpore Sano” на српската пејачка Констракта , напиша во својата рецензија новинар на британски Индипендент.
Латинскиот наслов на песната, провокативни стихови за нерегулираниот здравствен систем, перформанс во стилот на концептуалната уметничка изведба на Марина Абрамовиќ, миење раце со боросани на нозете и се друго што оди со тоа, предизвика очекувано внимание.
43-годишната белградска архитектка која никогаш не ја работела професијата за која студирала, пред нејзината самостојна кариера настапувала како член на бендовите Mistakemistake и Zemlja gruva.
Но, затоа на универзитетот го запознала сопругот Милан Ѓуриќ, кој таму бил асистент. Тие се родители на 13-годишниот Никола и 11-годишната Лена, кои се најголеми фанови на Констракта.
„Констракта сама по себе е изведувач кој има свој специфичен правец и стил, голем интелектуалец и уметник кој може да се нарече „Марина Абрамович во музиката“. Нејзиниот настап ( кој има своја приказна и е детално осмислен: впрочем логично бидејќи и самата таа е архитект по професија) соодветствува на нејзината песна и затоа предизвика бура реакции низ цела Европа. Со самото тоа што името на песната и завршната строфа се на латински јазик веќе претставува своевиден преседан на Евровизија. Песната има многу едноставен ритам кој лесно се памти, а самата Констракта има неверојатна харизма и енергија на сцена, продорен поглед и пред се зрелост и сигурност во тоа што го прави. Мора да признам дека лично не сум некој голем љубител на таков вид на песни, иако ми се допаѓа и ја ценам интелектуалната подлога на целиот концепт и на нејзиниот пристап во музиката. Повеќе сум љубител на добра композиција и извонреден вокал и интерпретација, но и овој пристап го почитувам. Како и да е воодушевен сум од нејзиниот „Триптих“ и нејзината уникатност и затоа сум сигурен дека ќе има одличен пласман во Торино: бидејќи самата таа верува во тоа што го прави, а тоа е вистинскиот пат кон успехот“, изјави за време на годинашниот Евросонг, дизајнерот, костимограф и моден авторитет Александар Ношпал, во интервју за „Независен“ , кој 4 пати беше дел од екипата која ја претставуваше нашата земја на Евросонг (2000-ХХL, 2002-Каролина, 2004 Тоше и 2019 Тамара).