Конечно ќе се гради „Чебрен“, проектот го доби грчка компанија

Инвестицијата е вредна една милијарда евра. Браната што ќе ја гради компанијата „Архиродон“ ќе биде висока 192 метри. Ова беше 14 обид да се изгради проектот


Чебрен на Црна Река

 

Со денешната одлука на Владата конечно треба да се стави крај на една од најпосакуваните, но и најкомплициранитеинвестиции во независна Македонија – изградбата на проектот „Чебрен“ на Црна Река.

Владата, разгледувајќи ја информацијата од Министерството за животна средина и извештајот од евалуацијата на Комисијата за спроведување на постапката, одлучи дека најповолна понуда доставила грчката државна компанија „Архиродон“. Таа, според извештајот на  Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија имала најповолна во која биле исполнети условите содржани во јавниот повик и тендерската документација.

Инвестицијата се проценува на една милијарда евра.

Во усвоената одлука „Архиродон“ има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со ЕСМ, во кое што ЕСМ учествува со 33% од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата.

Што предвидува овој грандиозен проект за македонски услови?

Со него се превидува изградба на реверзибилна хидроцентрала „Чебрен“, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. Предвидено е ХЦ „Чебрен“да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во Македонија.

Браната ќе биде неверојатно висока – 192 метри. Таа ќе биде 67 брана по височина во светот. Највисоката во Кина е 305 метри.

По завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи треба да почне градбата која е предвидена да трае 7 години. „Чебрен“ е од исклучително значење за енергетската транзиција на Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие.

Идејата и проектирањето за „Чебрен“ започнува со првите физибилити студии уште од 1964 година. Во 1986 се склучени договори за изработка на инвестициско-техничка документација за ХЕ „Чебрен“. Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река.

„Паблик пауер корпорејшн“ е државна компанија основана во 1950 година за да се грижи за енергетската политика на Грција. Во 2001 година 49 отсто од нејзините акции преминаа во приватни раце, но државата и натаму го има мнозинскиот удел.

„Архиродон“ моментално гради проекти во вредност од 4 милијарди долари. Нејзините активности се протегаат на три континенти и во 30 земји.

„Архиродон“ ќе треба да ги обезбеди парите за изградба на електраната, веројатно околу 600 милиони евра. За тоа ќе добие концесија на водата на 60 години. ЕСМ, како јавен партнер, ќе треба да изгради пат до хидроцентралата и да ја поврзе на струјната мрежа. 

Инаку, на тендерот кој во 2022 година беше распишан од сегашната владејачка гарнитура, пристигнаа две понуди – една од Грција и една од Франција.

Како што информираше своевремено тогашниот министер за животна средина, Насер Нуредини, за една од понудите на компнијата ЕДФ Франција, Комисијата утврдила дека е со непотполна документација и нема да продолжи понатаму во процесот на евалуација.

„Понудата на грчката ППС ќе биде разгледувана во следните 60 дена, по што комисијата ќе достави извештај до Владата. Доколку евалуацијата е позитивна се очекува договорот да биде потпишан во првата половина на 2024 година. Приватниот партнер се очекува да инвестира над 550 милиони евра, а изградбата ќе трае до 2028 година. Хидроцентралата е проектирана со 333 мегавати минимум инсталирана моќност, а првото производство се очекува од 2029 година“, изјави тогаш Нуредини.

Изборот на компании заинтересирани да го градат ХЕЦ „Чебрен“ започна во јануари 2020 година. Во првата фаза за претквалификација која заврши во декември истата година интерес покажаа десет големи светски компании од областа на енергетиката и градежништвото, а девет од нив се квалификуваа да влезат во втората фаза на тендерот.