Концерт на „Бајага и инструктори“ на 9 декември во СЦ „Јане Сандански“

„Авалон“ го најавува концертот на „Бајага и инструктори“ на 9 декември во СЦ „Јане Сандански“.
„Во годината кога Авалон слави 30 години, готово невозможно е прославата во месец декември да почне без наш голем концерт на Бајага во Скопје! Поготово што имаме извонредна сала како Јане Сандански која е создадена за ваков профил на настани.
А… и многу аеродромци ќе се потсетат како го гледаа Момчило низ населба (некогаш рано наутро, некогаш доцна навечер) во 1993та, 1994та, 1995та година… помеѓу неговите настапи низ Македонија и се чудеа што прави во Скопје. Кругот не е круг, ако не се затвори.
Во изминатиов период, Бајага & Инструктори ем напишаа уште многу големи песни, ем претходните се стекнаа со бесмртен хитовски статус. Сето тоа ги прави Бајага & Инструктори сигурно едни од најпосакуваните регионални концертни атракции денес, со повеќе од 2.5 часа тотално хитовска програма.Бидејќи, да не се лажеме, сепак никој нема толку многу хитови како Бајага во својат кариера, вели „Авалон“ во соопштението до јавноста.
Влезниците ќе бидат пуштени во продажба во ограничен број од понеделник (16 ОКТОМВРИ) во 09 часот наутро онлајн на ticketx.mk и преку продажната мрежа на ticketx низ Македонија.
Цените и категориите ќе бидат објавени на нашите социјални мрежи в петок – 13 октомври, во 19 часот.