Кон крајот на неделата прва владина седница, тема и линеарното зголемување на пензиите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека првата владина седница ќе се одржи кон крајот на неделата. Донесени ќе бидат, како што рече, неколку одлуки, од кои повеќето формални. Тој воедно најави и дека ќе се почне со работа на новото законско решение за линеарно зголемување на пензиите.
Одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Штип каде го почна првиот работен ден како премиер, Мицкоски истакна дека новата Влада ќе гради онаму каде што нејзините претходници оставија неуспешни проекти.
-Нема да има дуализми, ниту функционери кои ќе живеат од парите на граѓаните, ќе има намалување на институциите, ќе бидеме тоа што го ветивме. Тоа што граѓаните го направија е доволно, сега татковината треба да направи за нив. „Граѓаните пред се“, ќе бидете мотото на нашата Влада, порача Мицкоски.
Соопшти и дека утре или задутре ќе има состанок со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и со министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска во врска со законот за покачувањето на пензиите.
-Кон крајот на неделата ќе се одржи првата седница на Владата. Донесени ќе бидат неколку одлуки, повеќето формални, но почнуваме да работиме и на новото законско решение за линеарно зголемување на пензиите. Тоа што го ветивме во предизборието – во првата година да имаме линеарно зголемување по 5 000 денари на пензиите. Почнуваме со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и со министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска. Утре или денот потоа ќе имаме работен состанок кај мене, почнуваме да го драфтираме овој закон кој набргу ќе се најде во Палрламентот. Новата Влада ќе гради онаму каде нејзините претхоници оставија неуспешни проекти и споменици на едно лошо, корумпирано време. Нема да се случува голобради момчиња да купуваат трговски центри во главниот град, нема да се случуваат ролс ројс возила, ниту фудбалчиња по канбиенти и неуспешни проекти во делот на производството на марихуана, туку ќе го правиме она што го ветивме пред граѓаните, подвлече Мицкоски.
Тој присуствуваше на поставување камен-темелник на новата спортска сала „Џексон”, направи увид во градењето на новиот булевар „Илинденска“, а потоа, заедно со министерот за здравство Арбен Тараври, направи увид во состојбата на штипската болница.