Компанијата „ВИК“ ја проширува инвестицијата во Прилеп со нови 300 вработувања – задоволни се од Македонија


Компанијата „ВИК“ во Прилеп, го проширува производниот капацитет со нова зграда, инвестиција за која се очекува да обезбеди дополнителни 300 вработувања кога ќе го достигне својот полн капацитет.

Извршниот директор на „Вик“ Кристоф Дон, рече дека е задоволен од соработката со владата, во сите осум години од работењето на компанијата во Македонија. Тој очекува уште поголем напредок и соработка, особено со можноста да се работи со средношколците и студентите, за кои очекува да бидат вработувани во фабриката и да придонесуваат за развој на економијата и на регионот. 

– Веруваме дека има голем потенцијал за работа и за другите компании, но и за образовниот систем во Македонија. Ако градиме силна соработка меѓу владата и образовниот систем и индустријата ова ќе стане голема можност за младите луѓе, кои кога ќе завршат со Универзитетот или техничките училишта ќе можат да најдат инсипративна работа во земјата – рече Дон.

Тој се надева ќе ќе бидат пример за другите, затоа што нивна работа е да ги земат скршените продукти да ги анализираат, да ги поправат и да ги претстават како нова бизнис можност пред клиентите, како услуги за клиентите од Европа. Смета дека за локацијата на Македонија има многу предрасуди, но во последните девет години тие се стекнале со многу доверба во Македонија како земја и горди се на умешноста на нивните мајстори и имаат многу силни и криетивни тимови.

Премиерот посочи дека оваа компанија е важен партнер за Пелагонискиот Регион, која успешно работи во Прилеп уште од 2018 година.

„Ние како Влада застанавме во насока на поддршка на оваа инвестиција и ќе продолжиме целосно да го преземаме институционалниот, би рекол, ризик или сето она коешто институциите треба да го подготват за инвеститорите, без разлика дали се тоа странски или домашни, во случајот станува збор за странски инвеститор. Посебно кога имаме ваков тип на инвестиција којашто има фокус на циркуларната економија, односно економија којашто е многу важна сега во Европа, економија којашто има за цел сето она коешто е старо и искористено да го рециклира и да го обнови, практично. Тоа е она коешто претставува додадена вредност и тоа е она коешто претставува сега тренд во рамките на економијата на самата Европска Унија“, изјави Мицкоски.

Тој искажа благодарност до сопственикот на компанијата за довербата во земјата и во прилепската економска зона.

Покрај тоа, премиерот упати благодарност и до раководството на ТИРЗ, градоначалникот на Прилеп, пратениците и владиниот тим за поддршката, нагласувајќи ја важноста на соработката со локалните образовни институции за обезбедување стручен кадар.

Мицкоски заклучи дека Владата останува фокусирана на привлекување нови инвестиции и реализација на дадените ветувања пред граѓаните.

WIK е германска компанија основана уште во 1950 година која брои повеќе од 6.000 вработени со развоен тим од 350 инженери. Компанијата нуди услуги за производство на електрични апарати во домаќинство за различни брендови по принципот на ODM/OEM/CM. Развојот на компанијата преку инвестиции во иновативни решенија ја направија WIK партнер за производство на големи интернационални брендови. Во 2017 година компанијата одлучува да ја формира фирмата WIK Macedonia dooel и да изгради фабрика за производство на електрични апарати во индустриската зона во Прилеп. Поради зголемената потреба за производство набргу започнуваат планови за екстензија и започнува со реализација WIK Prilep 2 фабрика.