Компанијата на Бафет објави пад на профитот
Загуби во гигантот за кечап, пад во осигурителниот сектор, предупредување поради царините на Трамп

„Беркшир Хатавеј“, инвестициската компанија на милијардерот Ворен Бафет, објави дека оперативната добивка во вториот квартал се намалила за 3,79% во споредба со истиот период минатата година.
Ова е првиот извештај за заработка откако 94-годишниот Бафет објави дека се повлекува од функцијата извршен директор до крајот на годината, а за свој наследник го именуваше Грег Ебел, потпретседателот на компанијата задолжен за неосигурителни дејности.
Компанијата објави оперативна добивка од 20,8 милијарди долари за првите шест месеци од 2025 година, што е пад од 8,8% во споредба со минатата година. Во вториот квартал, заработката изнесуваше 11,16 милијарди долари, во споредба со 11,6 милијарди долари од истиот период минатата година.
Нето добивката за вториот квартал падна на околу 12,37 милијарди долари, што претставува пад од 59% во однос на истиот квартал во 2024 година.
Осигурителниот сегмент на Беркшир, кога станува збор за приходите од премии за осигурување, генерираше 2,53 милијарди долари пред оданочување, што е пад од речиси 11% во споредба со минатата година кога тој износ изнесуваше 2,84 милијарди долари.
Во периодот од мај до јули, готовината на компанијата се намали на 344 милијарди долари, од 347 милијарди долари што беа евидентирани на годишниот состанок на компанијата на 3 мај.
Беркшир во саботата откри дека претрпе загуба од 3,8 милијарди долари од својот удел во прехранбениот гигант Крафт Хајнц. Уште во 2019 година, Бафет изјави за CNBC дека „згрешил на повеќе начини“ во врска со таа инвестиција.
Компанијата повторно предупреди дека царинската политика на претседателот Доналд Трамп придонесува за неизвесна економска перспектива. Трговската војна на Трамп дополнително ескалираше во петокот кога беа објавени нови тарифи за неколку американски трговски партнери, кои стапуваат на сила на 7 август.
„Моментално не сме во можност со сигурност да ја предвидиме природата, времето или обемот на потенцијалните економски последици од какви било такви промени“, се наведува во извештајот на Бафет, коментирајќи ги макроекономските услови и геополитичките случувања.
Од почетокот на годината, приходите се намалија кај модните брендови и играчки како што се Fruit of the Loom (пад од 11,7%), Garan (пад од 10,1%) и Jazwares (пад од 38,5%), делумно поради „неизвесноста околу меѓународните трговски политики и царини, што предизвика доцнења во нарачките и испораките“, се вели во извештајот.
Од друга страна, енергетскиот и железничкиот сегмент на компанијата забележа раст во споредба со истиот квартал од претходната година – железничката компанија BNSF имаше зголемување на заработката пред оданочување од 11,5%, додека нето добивката на Berkshire Hathaway Energy се зголеми за 18%.
Акциите на „Беркшир Хатавеј“ затворија на 472,84 долари во петокот. Тие се во пораст од 4,82% од почетокот на 2025 година.