Компаниите и граѓаните донирале 4,5 милиони евра за справување со КОВИД-19
Над 4,5 милиони евра во финансиски средства и во производи се донирани на државата од почетокот пандемијата предизвикана од корона вирусот како помош на компаниите и на граѓаните за справување со сериозната закана.
Со почетокот на кризата државата отвори две сметки за собирање помош за борба против пандемијата – на Владата и на Министерството за здравство. Според податоците од сајтот Финансиска транспарентност досега се регистрирани 1.390 донации и нивниот број постојано се зголемува. Притоа, во финансиски средства се донирани околу 3,5 милиони евра, додека 1 милион евра е вредноста на донациите во производи и опрема. Најголем дел од донациите во финансиски средства, односно речиси 3,1 милион евра е помош од компаниите.
Во справувањето на Владата и институциите со вонредната ситуација предизвикана од пандемијата, стопанскиот сектор пружи многу потребна и значајна помош за ублажување на ефектите од кризата покажувајќи висока свест и општествена одговорност.
Голем е бројот на компаниите кои дадоа несебична помош на државата. Алкалоид донираше 200 илјади евра, Комерцијална банка обезбеди парична помош во износ од 100 илјади евра и заштитна опрема во вредност од 20 илјади евра. Компанијата ИГМ уплати донација од 250.000 евра, а Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп издвои 110 илјади евра во опрема за здравство. Истото го стори и ОКТА со донација од 50 илјади евра, како и Битолска млекара со донација во финансиски средства за сервис и репарација на апаратите за респираторна нега, коишто се потребни за Инфективната клиника во Скопје. Справувањето со кризата со свои донации го помогнаа и ЕВН Македонија, Државна видеолотарија, Стопанска Банка АД Скопје, НЛБ Тутунска банка, Аутомотив Груп, Аутомобиле СК, Атлантик Груп, Цементарница Усје, Адинг и огромен број други компании, не само големи, туку и оние средни, мали и микро. Истовремено, дел од компаниите, како Халкбанк, Битолска млекара, Комерцијална банка, ИГМ, Пекабеско и други како помош за Владата и економскиот сектор за справување со последиците од епидемијата, предвреме го платија данокот на добивка како поддршка за буџетот и за зголемување на неговата ликвидност во оваа тешка ситуација.
Многу компании помогнаа со донации и на локалните заедници, но и на социјално загрозените семејства. Па така, во согласност на својата општествена одговорност и свест за потребите на засегнатите групи граѓани, Жито Лукс своите донации и хумани активности, како и во повеќе наврати претходно, ги насочи кон категориите граѓани на кои им е потребна помош. Со стартот на кризата таа донираше околу пет тони брашно и околу 2000 други производи од палетата на Жито Лукс за СОС Детско село, Општините Бутел и Центар, како и неколку други институции за помош на социјално загрозени семејства. Исто така, компанијата преку Организацијата на Црвениот крст донираше леб за социјално загрозени лица и семејства кои имаа потреба од основни прехранбени производи. Деновиве и во Институтот за белодробни заболувања кај децата, Козле доставена е донација леб, брашно и колачи соодветно на потребите на здравствената установа. Жито Лукс во повеќе наврати има реализирано донации за Институтот како медицински апарати за опремување и подобрување на болничките услови и производи.
Македонските компании во оваа тешка ситуација уште еднаш ја покажаа својата општествена одговорност и високата свест донирајќи опрема, добра и пари како свој придонес за што побрзо и полесно справување со пандемијата која се заканува на граѓаните, стопанството и државата во целина.