Комерцијална банка обезбеди 4 милиони евра од ЕБОР за зелени инвестиции


Комерцијална банка АД Скопје обезбеди нова кредитна линија во износ од четири милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), наменета за поддршка на инвестиции во енергетска ефикасност во домаќинствата, станбените згради и јавниот сектор.

Кредитната линија е дел од програмата Western Balkans Green Economy Financing Facility III (WB GEFF III), преку која ќе се финансираат проекти за подобрување на енергетската ефикасност и користење зелени технологии.

Средствата ќе може да се користат за инвестиции во термичка изолација, енергетски ефикасни прозорци и врати, современи системи за греење и ладење, топлински пумпи, фотоволтаични системи и други технологии кои придонесуваат за намалување на потрошувачката на енергија.

Кредитите ќе бидат достапни со максимален износ до 50.000 евра и рок на отплата до 20 години. По успешното реализирање на проектот, предвидена е и можност за грант во висина до 20 проценти од вредноста на инвестицијата.

Договорот за новата кредитна линија го потпишаа Билјана Максимовска-Поповиќ, главен директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, и Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

„Како една од водечките банки во земјата, Комерцијална банка продолжува активно да ги поддржува инвестициите што носат долгорочни придобивки за клиентите, економијата и за животната средина. Преку оваа кредитна линија, повторно ќе придонесеме за подобрување на енергетската ефикасност, за намалување на емисиите на штетни гасови и за зголемување на отпорноста на енергетските предизвици“, изјави Максимовска-Поповиќ.

Ова е петта кредитна линија што Комерцијална банка ја реализира во рамките на програмата GEFF, преку која банката ја продолжува поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и одржлив економски развој.

Програмата се спроведува со поддршка од Европската Унија преку Заедничкиот европски фонд за Западен Балкан и Рамката за инвестиции во Западен Балкан, додека дополнителната техничка соработка е поддржана од Фондот за соработка Јапонија-ЕБОР.