Комерцијална банка генерален спонзор на МКФ: Заедно за нови успеси на машката кошаркарска репрезентација

Комерцијална банка стана генерален спонзор на Македонската кошаркарска федерација и обезбеди значајна поддршка за нови успеси на сениорската машка кошаркарска репрезентација.
Ова партнерство претставува повеќе од поддршка – тоа е заедничка заложба за нови спортски успеси во пресрет на претквалификациите заСветското првенство Катар 2027, за поттик на младите генерации, за нови спортски јунаци кои ги градат своите соништа под обрачите.
На официјалната средба помеѓу Хари Костов, Главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка, и Томе Главчев, Претседател на Македонската Кошаркарска Федерација, партнерството беше официјализирано со заедничка посветеност и ентузијазам.
„Поддршката на спортот е поддршка на вредности кои се темел на секое здраво општество – дисциплина, тимска работа, истрајност и почит. Горди сме што стануваме дел од кошаркарската приказна и веруваме дека заедно ќе инспирираме нови генерации да сонуваат и да победуваат. Веќе седум децении Комерцијална банка како општествено одговорна компанија континуирано вложува во развој на заедницата со цел заедно да постигнеме уште поголем напредок и успеси на кои сите ќе се радуваме“, изјави Костов во име на Комерцијална банка.
Претседателот Главчев изрази благодарност за поддршката.
„На мое големо задоволство, како и на целата Кошаркарска Федерација, се потпиша договор за Генералноспонзорство помеѓу Македонската Кошаркарска Федерација и Комерцијална банка. За поздравување е настанот од повеќе аспекти, но морам да забележам дека по подолго време на челната спонзорска позиција застанува една македонска компанија.Би сакал да им се заблагодарам на првите луѓе од Комерцијална банка и на директорот Костов за поддршката и разбирањето кое го искажуваат со овој чин.Ние како Федерација ќе направиме сè што е во наша моќ да ја оправдаме довербата и, секако, во иднина да имаме основа за продолжување доколку има интерес“, истакна Главчев.
Како општествено одговорна компанија, Комерцијална банка останува посветена на создавање вистински вредности и охрабрување на младите генерации спортисти.
Со гордост обезбедуваме уште една значајна поддршка за македонскиот спорт, токму во годината кога со уште поголема гордост го одбележуваме големиот јубилеј: 70 години Комерцијална банка. Овој јубилеј го славиме со дела што оставаат трага – со инвестиции во иднината, во младите, во спортот и во вредностите што нè водат седум децении наназад, и ќе нè водат и понатаму.