Колку палуби има овој брод
Македонскиот брод е скромен, има отворена пaлуба, но и тајни долапи кај машинското одделение. Таму се кројат планови за политичката сегашност, од „баналноста на злото“ до македонскиот консензус што го нема
Не, македонскиот брод не наликува на „Титаник“, како што многумина се обидуваат да го претстават, туку повеќе како оние бродови тргнати, на пример, од Џенова, чија крајна цел е островот Елис во заливот на Њујорк. Тие бродови, особено во раниот почеток на 20. век носеа милиони иселеници од Европа во земјата на соништата – САД, во потрага по нов живот, нов успех и нова среќа. Преполнети со луѓе кај кои се мешаше надежта и неизвесноста.
Сегашниот македонски брод е како еден од нив, не толку сиромашен, не толку богат, во кој нема емигранти, туку луѓе кои новиот успех и веројатно новиот живот го поврзуваат со остварувањето на политичките амбиции. Сѐ според слоганот за пресвртот што треба да се направи. Изненадувачки е колку палуби има на овој мал и скромен брод, скриени и отворени, каде што се собрале различни групи кои кројат планови, прават стратегии што ќе се случува кога тој ќе се вкотви во пристаништето што се нарекува избори.
На отворената палуба се беше собрала една мала група која де егзалтирано извикува, де загадочно молчи, де гледа замислено напред во морето. Еден-двајца од групата имаа отворено некојa книга и од неа нешто читаа, па им шепотеа на другите. Тие се оние што имаат од поевтините карти – групата наречена Левица. Нивниот водач им објаснува зошто било неопходно да се посети гробот на Енвер Хоџа во Тирана, кој за време на неговиот 40-годишен режим ја претвори Албанија во блиндирана земја на бункери и населението го држеше под невидена контрола на тајната служба. Тој не им споменува на оние околу него дека Хоџа и неговиот режим се одговорни за смртта на 25.000 луѓе преку егзекуции, изгладнување, нехумани затвори и принудни работни логори. Уште околу 60 илјади други луѓе биле испратени во внатрешен егзил, мачени, затворени и прогонувани. Тој огнено им зборува дека Хоџа бил голем албански државник, партизан и комунист, кој успел да ја трансформира неговата земја.
Тој им ги повторува зборовите што ги кажа во интервјуто на ТВ 24 дека нема што посебно да се коментира за убиствата, прогонот и затворањето на албанските граѓани и уште еднаш кажува: „Такво било времето, така правел“. Исто како и што сопругата на Енвер, Неџмие Хоџа, ги правдаше злосторствата во едно од нејзините последни интервјуа. Таа рече дека Хоџа веројатно чувствувал болка во душата што испратил толку многу луѓе во смрт, но дека тоа го сметал за своја „државничка должност“.
Баналноста на злото
Тие еден-двајца од групата по некоја случајност ја имаа во рацете славната книга на Хана Арент од 1963 за судењето на Адолф Ајхман во Израел, озлогласениот нацистички архитект на „конечното решение“, и објаснувањата за „баналноста на злото“.
Ајхман на судењето не покажуваше ниту вина за своите постапки, ниту омраза кон оние што го судеа и тврдеше дека не сноси никаква одговорност затоа што едноставно „ја вршел својата должност“ и не само што ги послушал „наредбите“, туку го почитувал и „законот“. Така и Енвер Хоџа, како што тврди неговата сопруга, убивал луѓе зашто тоа била негова „државничка должност“.
Тој што ја држеше книгата в раце се обидува да му прочита како Арент ја оквалификува баналноста на злото: „Злото доаѓа од неуспехот да се размислува. Тоа ѝ пркоси на мислата, бидејќи штом мислата се обидува да се вклучи со злото и да ги испита просторите и принципите од кои потекнува, тaа е фрустриранa затоа што таму не наоѓа ништо. Тоа е баналноста на злото“.
Некои го прашуваат како може посетата на гробот на Енвер Хоџа да биде „идеолошка“, како што тврди тој. Па, идеологијата на Хоџа беше сталинистичка од најсуров тип; зарем 2023 е времето за навраќање кон „баналноста на злото“. Тој им одговара дека на тој начин сакале да се приближат кон младите Албанци кои биле левичарски расположени. А, дали тие го перцепираат Енвер Хоџа за свој идол, нема потреба да се расправа. Тој бил левичар, „правел идеолошки дистинкции, такво било времето, морал да ги прави“. Некои по оваа просудба за која нема приговори, замолчеа, некои се прашуваа: дали и ние ќе правиме такви идеолошки дистинкции според образецот на Хоџа? Па групата на отворената палуба пак почна да џагори.
Долу, најдолу во потпалубата, близу машинското оделение, во некои скриени долапи на бродот, неколку помали групи кројат планови какви чекори да преземат кога бродот ќе стигне до пристаништето. Во еден од тие долапи на скриената палуба, една група го слуша човекот кој вели дека дошло времето да се врати во политиката, од која никогаш, всушност, и не излезе. Никола Димитров. Тој им објаснува дека на 27 април, ако сѐ биде како што треба, ќе излезе со громогласна најава дека се формира движење. Таму се собрани претставници на оние што беа многу гласно непријателски расположени кон францускиот предлог и европската преговарачка рамка. Има таму и некои граѓански активисти, некои советници по скопските општини и Градот Скопје.
Тој зборува дека францускиот предлог не е добар за иднината на Македонија, дека државата е во заложништво на Софија, дека корупцијата го јаде општеството. И дека за пресвртот што тој мисли дека може да се случи ќе помогнеле „нашите пријатели од Брисел и Вашингтон“. Тој не сака многу да зборува дека беше архитект на двата договори кои го поделија македонското ткиво, оној со Бугарија и тој со Грција. Тој не дава одговори што би можело да биде со земјата ако не ги направи уставните измени. Идните чекори се некаде во облаци. Важно е, им вели Димитров, „да видиме колку граѓани има кои се незадоволни, што сакаат ред во оваа држава и што сакаат законот да важи еднакво за сите“.
Во друг долап се „огнените“ од ДУИ. Тие уште не знаат какви чекори да преземат во иднина. Дали да си одат од партијата, каде што формираа фракција која органите не им ја признаваат? Дали да формираат партија со која ќе излезат на изборите? Кога би било најдобро да го преземат тој чекор – на шест месеци, на три месеци пред изборите? Некои од групата гласно прашуваат – да не нѐ снајде истата судбина на Унитети и Гзим Острени. Оние што се претставуваат како водачи велат дека тоа е малку можно – имаат ресурси, имаат поддршка, особено во некои многу важни општини. Но, неизвесноста како да лебди во тешкиот воздух во малото сопче: што ако нашите предвидувања се само лажна претстава? Дали тоа ќе биде залудно дадена жртва. Па уште толку многу функции би можеле да нѐ чекаат во иднина. И така нашата партија ДУИ е осудена да биде во власта со кој и да било партнер, а ние вака да се откажуваме од неа. Дали би вредела жртвата само поради тоа што бараме да си оди Артан Груби? Водачите им нудат малку одговори, повеќе нејасни навестувања за иднината.
Левичарските патриоти
Третиот долап е малку поголем од овие два, затоа што е наменет за поголема група патници. Таму главно се собрани „патриотите“ од СДСМ, а ги води борбениот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски. Групата изгледа порасположена и повесела од другите две. Има повеќе ресурси, друштвото таму е убедено дека има поддршка во повеќе концентрични кругови отколку другите две групи. Таму весело разговараат дека и многу „патриоти“ од десницата ќе се приклучат на ова движење кому логистичка поддршка му даваат луѓе од најблиското опкружување на поранешен сдсмовски лидер. И тука една алка ги спојува – одбивањето на францускиот предлог. Другите работи, борбата против корупцијата и залагањето за правна држава, се надоврзуваат на оваа алка. Таа е оној spiritus movens што ја води групата која тврди дека Македонците уште еднаш се понижени од ЕУ и дека Македонецот ќе исчезнел во бугарските борови шуми. Некој таму повеќе љубопитно отколку срамежливо прашува – дали, ако влеземе во парламентот, ќе бидеме оној понтонски мост каков што беше партијата на Тито Петковски за Никола Груевски во 2006? Водачот и најблиските до него само слегнуваат со рамениците: немаат добар одговор, или не сакаат да го кажат да не ги вознемират другите членови од групата кои се опиени од надеж за новиот почеток.
Во „луксузниот“ дел од палубите, онаму каде што има тапацирани клупи со евтин скај, се собрале одбраните. Тие се на горната палуба, само што нивниот простор е ограден со стаклени решетки, додека оние од Левица се на истото ниво, само што се стуткани на отворено додека ги бие ветерот и бараат засолниште кога е премногу силно сонцето. Тоа се поголеми друштва. На едниот крај, трубунот на десничарите, Христијан Мицкоски, ем ќе каже некој огнен збор, ем потоа ќе замолчи.
Тој им повторува на оние на околу него: „Јас ја затворив темата за уставните измени. Тие нема да се случат во овој парламентарен состав“. Некои го гледаат, по малку ги стегаат усните и се прашуваат: дали ти, наш лидеру, сам можеш да одлучиш дали е затворено прашањето за уставните измени. Може ли раководството на партијата да каже некој збор за тоа? Тој потоа им зборува за некаков македонски модел, во којшто ќе има македонски национален консензус. А консензус за ваква работа немало. Па професорски ѝ вели на групата: „Консензус се правеше кога се распродаваше Македонија. Тие го испуштија тој моментум. А сега им нудам модифициран македонски модел, ист како хрватскиот модел“. Некои го прашуваат дали тоа ќе биде враќање на ситуацијата од пред 2001? Мицкоски им дава еден од оние заплеткани одговори, во кои петтата реченица е во спротивност од првата.
Па се фаќа на омилената тема од последниве денови за наводниот грабеж со автопатиштата што треба да ги гради „Бехтел и Енка“. Некој од групата ја споменува изјавата на анонимен член на Уставниот суд, кој преку „Слободен печат“ им се закани на пратениците дека кривично ќе одговараат ако ја продолжат работната недела на 60 часа. Се слушаат извици на гласно одобрување. Еден од нив повеќе за себе, а повеќе за себе а помалку за другите поставува прашање – дали кога молерите доаѓаат да ни ги варосуваат становите им велиме дека треба да работат стриктно од 7 до 15 часот, или ги пуштаме да ја вршат работата до доцна во ноќта. За да ја завршат побрзо да не ни остануваат домовите два-три днеа подолго растурени. Никој не се ни обиде да му одговори, затоа што се подразбира каква е работата на молерите.
Хрватскиот наратив
Во другиот крај во истата сала се собрала исто толку голема група, во која има членови на двете најважни владејачки партии. Тие повеќе мирно и не толку гласно се договараат – дали да се предложат уставните измени и да се достават во парламентот и потоа да се види кој е за европската иднина, а кој за македонската сегашност. Еден вели едно, друг се надоврзува со друго. Изгледа дека оваа група нема уште изградено целосна стратегија, но според текот на разговорите изгледа дека во Собранието ќе ја достават понудата до опозицијата во некој модифициран тип земи или остави. Таму се слушаат и други предлози – да се вметнат реченица-две која ќе биде мост кон Македонците патриоти. Но не се сигурни дали тоа може да биде доволна отстапка. За оваа група, отстапката што ја бара друштвото од другиот крај на салата – откажување од уставните измени – е неприфатливо, затоа што државата презела обврски.
Во оваа група нема некој што би сакал да се претставува како народен трибун, туку повеќе како прагматичен политичар, кој вели дека сака да зборува најмногу за иднината. Почнува да се развива дебата како да се претставува таа иднина – дали само преку слогани за членството во ЕУ, или со наведување примери како „хрватскиот модел“. Овој модел на Хрватска ѝ овозможи ЕУ да даде неповратни фантастични 357 милиони евра (или 85 отсто од целата инвестиција) за изградба на спектакуларниот Пелјешки Мост. Или дека милијарди евра се слеале во Хрватска од фондовите на ЕУ за десетте години членство. Или дека за пругата што треба да се гради од Загреб до Риека, долга 155 километри која ќе чини неверојатни 2,8 милијарди евра, ЕУ ќе плати 85 отсто од вредноста. Ете го тој „хрватски модел“, додава друг, ЕУ им ги гради пругите патиштата и мостовите на Хрватите, а ние со нашата сиромаштија треба тоа да го правиме сами.
Наеднаш се слуша малку посилно одбрување. Некој вели, наративот за уставните измени треба на ваков начин да им се доближи на граѓаните. За „Бехтел и Енка“ не разговараат нешто посебно, дебатата е брзо заклучена – и без измени во законите автопатиштата ќе се градат, па нека чини и поскапо. Иднината не е таа што може да чека.
Додека брдот плови кон македонскиот остров Елис од некаде едвај чујно се слушаат некои џезерски звуци. Скриени во незабележливите агли во машинското одделение десетина души се подготвуваат за концертот што идниот македонски национален џез оркестар треба да го одржи во овдешниот Карнеги Хол. Тие велат дека џез оркестарот можел да свири само во Филхармонијата или Операта. Други сали биле несоодветни, ним им треба сјај, гламур. Некој од нив срамежливо прашува: дали на биг-бендовите на Каунт Бејзи и Дјук Елингтон им беа подобри клубовите или сјајните угладени сали. И дали ако не свиреа во гламурозни сали ќе се откажеа од музиката. Не дочека одговор. Заглушувачки звук од еден тромбон го замолчи.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)