Колку навистина ќе се зголемат пензиите, за илјада денари или за повеќе?

Во законските измени не стои фиксен износ на зголемувањето, туку тоа се врзува со сумата што ќе се добие врз основа на усогласувањето на пензиите врз основа на постојната Методологија


Фото: Б. Грданоски

 

Колку, всушност, ќе се зголемат пензиите во септември годинава и во март идната година? Дали тоа ќе биде два пати по илјада денари, како што првично беше најавено, или помалку, или можеби повеќе, како што навестува Предлог-законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој по скратена постапка е доставен во Собранието.

Во предлогот никаде не стои фиксен износ на зголемувањето, како што беше случај со претходното линеарно зголемување од два пати по 2.500 денари, туку, сега тоа се врзува со сумата што ќе се добие врз основа на усогласувањето на пензиите врз основа на постојната Методологија.

Во најновите измени, за кои што треба по итна постапка да расправаат пратениците, се вели дека сите видови на пензии, кои се исплаќаат во Република Северна Македонија, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50% на порастот на индексот на трошоците на живот и 50% на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година“.

Ваквиот начин на линеарно зголемување на пензиите отвора можност да се добие и поинаков износ од оној кој до сега циркулира во јавноста, односно по илјада денари почнувајќи од септемвриската пензија и исто толку почнувајќи од мартовската пензија идната година.

 

Така, доколку постојната Методологија врз основа на податоците на ДЗС за август покаже дека усогласувањето треба да биде на пример 5 отсто, како што тоа проценија од СДСМ, тогаш излегува дека за таа намена ќе бидат потребни околу 450,9 милиони денари (околу 7,3 милиони евра) месечно (бројот на пензионери помножено со просечната пензија во мај и од тоа пет отсто) или, ако овој износ се подели на бројот на пензионери, излегува дека секој би требало да добие по околу 1.300 денари.

Од друга страна, пак, во предложените измени се вели дека тие имаат фискалната обврска која за годинава ќе изнесува 1,5 милијарди денари.

Доколку оваа фискална обврска се подели со четири пензии (за септември, октомври, ноември и декември), излегува дека зголемувањето на пензиите ќе биде 1.087 денари, а ако се однесува на три месеци (со оглед дека пензиите се исплатуваат на почетокот на следниот месец за претходниот) и ако обврската за декември се префрли на буџетот за 2026 година, тогаш зголемувањето би требало да биде околу 1.450 денари, повторно, врз основа на податокот на 344.796 пензионери.

Денеска на прес-конференција во Собранието. Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, повтори дека пензиите линеарно ќе се зголемат за вкупно 2.000 денари. Откако се засилија реакциите во јавноста за ваквиот износ, бидејќи и најосновните пресметки покажуваат дека со по илјада денари линеарно зголемување во „загуба“ во однос на стандардното усогласување ќе бидат поголемиот дел од пензионерите, од ВМРО-ДПМНЕ ја сменија „плочата“ и акцентот сега го ставаат на податокот дека вкупното зголемување на пензиите всушност е 7.000 денари (односно веќе реализираните 5.000 денари и најавените 2.000). Ова денес го посочи и Стојаноски кој рече дека пензионерите ќе добијат дополнителни 2.000 денари на своите сметки.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ (Фото: Б. Грданоски)

„Чекор кон ветеното зголемување од 7.000 денари, односно дополнителни 14.000 денари за пензионерите во заедница. Конкретна поддршка за над 345.000 граѓани. Мерка која исто така ќе зададе силен удар врз нееднаквоста, но и ќе врати со зголемена финансиска стабилност за оние кои ја создаваа Македонија“, изјави Стојаноски.

Претходно денеска, пратеничката од редовите на СДСМ, Јована Тренчевска, која беше министерка за труд и социјална политика, оцени дека владиниот предлог е „историска измама“ и дека со линеарното покачување „власта ги краде пензионерите“

Според неа пензионерите ќе бидат два пати оштетени со оваа одлука, еднаш во септември и еднаш во март следната година.

Јована Тренчевска (Фото: Б. Грданоски)

Како што образложи Тренчевска, според пресметките на СДСМ огромни 92,5 отсто од пензионерите, односно над 318.000 луѓе, се оштетени со ова линеарно зголемување и ќе земаат помалку од тоа што им следува по закон. Само 7,5% од вкупниот број на пензионери ќе добијат нешто и тоа помалку од заслуженото, рече таа.

Или, за пензија од 20.000 денари со пет отсто услогласување, зголемувањето ќе беше 1.000 денари, исто како што сега со линеарното зголемување. Но, веќе за пензија од 25.000 денари, пензионерите со усогласувањето би добиле 1.250 денари, а со новото решение добиваат помалку, само 1.000 денари, за пензија од 30.000 денари, наместо 1.500 денари, добиваат помалку, за пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, повторно добиваат двојно помалку, само 1.000 итн. (М.Ј.)

 

На истата тема:  

Дали Владата ќе заштеди со линеарното зголемување на пензиите од 1.000 денари?