„Кока-кола“ повлекува 28 милиони шишиња во Австрија


 

„Кока-кола“ повлекува 28 милиони пластични шишиња во Австрија затоа што може да содржат парчиња метал поради грешка во производството.

Тоа е најголемото повлекување на производи во Австрија во последните 25 години, изјави во четвртокот портпаролот на Виенската пазарна агенција Александар Хенгл, пренесе Хина.

„Кока-кола“ објави дека шишињата кока-кола, фанта, спрајт и мецомикс кои треба најдобро да се икористат до 4 февруари 2025 или 12 април 2025 година ќе бидат повлечени.

Не може да се исклучи дека многу ограничен број од овие шишиња би можеле да содржат парчиња метал поради техничка грешка во производството, соопштија од компанијата.

„Кока-кола“ истакна дека не биле продадени сите шишиња од пијалокот од тој период. Многу од шишињата можеби се уште се во компанијата или во малопродажните магацини, рече портпаролот.