Кој е Пламен Николов, кандидатот за премиер на Бугарија?
Пламен Николов од вчера е адутот на партијата Има таков народ за иден премиер во евентуалната влада што се најавува како можна од Софија. Тој доаѓа од бизнисот, а не од политиката, и првата изјава му беше дека односите со Македонија нема да ги развива по линија на конфронтација.
Според него, има неисполнети клаузули во Договорот за пријателство од 2017 година, но „ние нема да им пречиме на нашите браќа и да им ја одземеме можноста за европска иднина на насилен начин, од што можат да имаат само корист другите балкански земји“, рече Николов. „Можеби ревизија и преиспитување, но треба да се донесе одлука и … нема да има линија на конфронтација“, рече тој.
Неговата изјава е на линија на прагматизам својствен за луѓе што доаѓаат од бизнис заедницата. Според бугарските медиуми, Николов е актуелен пратеник на ИМТ од Шумен и е доктор по филозофија на правото, економијата и политиката. Се образувал во Австрија и во САД (Сан Франциско), а кариерата му е врзана со бизнисот при што работел и со големи компании како Амазон, Интерспорт, ЕМАГ и други. Владее три странски јазика, а во моментов раководи и со канцеларија на американска компанија во Бугарија која е одговорна за Европа, Азија и Африка и има над 600 клиенти.
Николов е дел од проектот на Слави Трифонов од 2018 година и на изборите во април бил преставен како еден од главните експерти околу темите на образованието и демографскиот дизбаланс. Притоа ја застапувал тезата дека училиштата не треба да се делат на елитни и неелитни.
На прашањето дали постои разлика помеѓу менаџментот на компанија и водењето на земја, тој оцени дека на менаџерите во Бугарија им недостасува теоретска обука и практично искуство во мултинационални компании. Тој додаде дека ако стане премиер, нема да се гледа како најсилен човек во земјата, бидејќи извршната власт е директно на располагање на законодавниот дом, а најсилен човек е народот.
Тој најави дека во судските реформи ќе оди до крај, а ќе почне од специјалното обвинителство, кое е трн во окото на Бугарите. Притоа оцени дека дека неговата партија има речиси целосно усогласеност на приоритетите со другите таканаречени протестни партии и БСП.
Според оценките од ИТН, Николов е исклучително образован човек кој ќе ја исполни со содржина функцијата ако ја добие. „ Тој е комуникативен, а човечкиот термин за тоа е “разбран човек”, со него можеш да водиш дијалог “, оцени Тошко Јорданов од ИТН.
„Очигледно целосно непознат колега за нас. Изгледа како симпатичен човек, но во оваа фаза не можам ништо да кажам“, беше првата реакција на лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов за Николов. Од ИТН му реплицираа дека си дозволува да им кажува кого да назначат министер, иако одговорноста за тоа е кај нив, ИТН, а не кај неговата партија од која подоцна порачуваа дека биле изненадени и зачудени што името на новиот мандатар го дознале кога го објави кабинетот на Румен Радев.