Која е новата премиерка на Јапонија: Сака хеви метал, свири тапани, противник е на истополовите бракови
Решителната конзервативка Санае Такаичи е првата жена премиер на Јапонија откако парламентот ја изгласа за нов лидер во вторник. Ова е историски момент за Јапонија, земја каде што политиката и деловниот свет традиционално се доминирани од постари мажи, пишува Си-Ен-Ен.
Такаичи ја презема функцијата додека Јапонија се соочува со растечки економски проблеми и политички поделби, сето тоа само неколку дена пред планираната посета на американскиот претседател Доналд Трамп.
Справувањето со високите цени ќе биде еден од нејзините први предизвици; на пример, цената на оризот, основна храна во Јапонија, речиси се дуплираше во споредба со минатата година.
Тука е и долгогодишниот проблем со намалувањето на наталитетот, намалувањето на работната сила и стареењето на населението. Во исто време, јавното незадоволство од масовната имиграција расте, додека ненадејните царини на администрацијата на Трамп ги потресоа азиските економии претходно оваа година.
Нејзините длабоко конзервативни ставови ги загрижија некои членови на централно-десничарската партија. Такаичи поддржува ревизија на пацифистичкиот устав на Јапонија и често посетува контроверзно воено светилиште каде што се чуваат имињата на осудените за воени злосторства за време на Втората светска војна.
Таа, исто така, се спротивставува на истополовите бракови и на движењето за да им се дозволи на брачните парови да користат одделни презимиња. Интересно е што Такаичи е обожавател на хеви метал и свири тапани за да го намали стресот.
Некои од нејзините ставови, како што е нејзиниот остриот став за Кина, би можеле да ги комплицираат регионалните односи во Јапонија, додека некои во земјата се загрижени за нејзините економски предлози – кои вклучуваат големи трошоци и намалување на даноците – додека земјата се бори со растечката инфлација.
Таа беше избрана за лидер на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) порано во октомври, победувајќи ги поумерените кандидати. Ова сугерираше поместување кон десно за ЛДП, која беше погодена од скандали и претрпе големи загуби на последните два парламентарни избори.
Големиот предизвик ќе биде враќањето на јавната доверба, бидејќи ЛДП се соочува со најголемата криза во последните децении по скандалот со прикриените фондови под водство на поранешниот премиер Шигеру Ишиба.
Нејзиниот пат до власта беше комплициран. Покрај губењето на мнозинството, ЛДП го загуби и својот 26-годишен коалициски партнер, партијата Комеито. Ова ја принуди ЛДП да формира коалиција со опозициската партија Нипон Ишин. Новиот партнер ги дели некои од конзервативните вредности на партијата, но има и свои барања, како што се намалување на бројот на пратеници за 10% и прогласување на Осака за втор главен град на Јапонија.
Партијата се надева дека Такаичи може да биде одговорот на нејзината неодамнешна непопуларност. Но, со оглед на тоа што Јапонија смени четири лидери во последните пет години, таканаречената „Железна дама“ ќе мора брзо да испорача резултати за да остане на власт.