Која е бугарската компанија што ќе гради фотоволтаична централа во Осломеј


Објектот за зелена енергија на „Соларпро“ изграден во унгарскиот град Капошвар

Компанијата „Соларпро“ е играч на глобалниот пазар со над 3 GW инсталирани капацитети изградени на пет континенти

 

На прв поглед може да изгледа дека изборот на бугарската компанија „Соларпро“ да ја гради фотоволтаичната централа на местото на стариот рудник во Осломеј близу Кичево оти тоа е своевиден политички потег на Скопје да овозможи влез на фирми од Бугарија во македонската економија за на некој начин да се олабават тензиите меѓу двете земји. Но кога ќе се погледне во портфолиото на „Соларпро“ може да се види дека тоа е високотехнолошка компанија која гради вакви „полиња“ за зелена енергија во повеќе европски земји и дека е прилично добро етаблирана на меѓународниот пазар.

„Соларпро“ беше избрана на аукцијата што се одвиваше во живо на 16 април меѓу три кандидати кога бугарската компанија во проектот за јавно-приватно партнерство понудила 80 отсто повеќе од почетното ниво од 10 проценти за пренесување на идниот приход. Нејзината понуда 18 отсто да оди кај јавниот партнер – ЕСМ, веројатно имала одлучувачка улога. Таа треба да изгради фотоволтаична централа со инсталиран капацитет од 50MW. Во централата ќе има 50 работни места кои ќе им бидат понудени на поранешните рудари. Минатата година „Соларпро“ го доби тендерот за изградба на соларна централа од 10MW во селото Манастирец, Македонски Брод.

Оваа фотоволтаична централа се смета за пример во областа за тоа како може да се градат места за обновлива енергија во затворени рудници за јаглен и луѓето да можат да добијат работа без да мора да ги напуштат своите домови.

Константин Ненов, извршен директор на „Соларпро“, во официјалното соопштение изјави дека се многу годри што неговата компанија ја добила оваа зделка. „Ќе се потрудиме да понудиме најдобро технолошко решение за одржливо партнерство“, додаде Ненов.

Во соопштението Ненов им честиташе на ЕСМ и на владата во Скопје за демонстрација и давање пример на цела Југоисточна Европа „како може да се обезбедат добро платени работни места во загадените области на старите рудници за јаглен и да се произведува чиста енергија со конкурентна пазарна цена“.

Компанијата има свои дејности  во Полска, Унгарија и Бугарија. Таа е една од водечките платформи за зелена енергија во Источна Европа и нуди целосен опсег на услуги во секторот за обновлива енергија. Тука се вклучени инвестиции во генерирање средства, развој на проекти и изградба на обновливи извори на енергија, управување и одржување, балансирање и трговија со електрична енергија, решенија за складирање на енергија и многу други нешта.

„Соларпро“ постои 15 години и е играч на глобалниот пазар со над 3 GW инсталирани капацитети изградени на пет континенти. Според информациите, „Соларпро“ во моментов гради вкупно 150 MW од сопствени проекти, а други проекти со над 500 MW се во фаза на развој.

Холдингот има околу 1.000 вработени и е присутен на клучните пазари на ЕУ, како Холандија, Германија, Франција и Португалија. Во моментов „Соларпро“ во Бугарија гради свои проекти за над 60 MW инсталиран капацитет, а други проекти за над 250 MW се во фаза на развој. (Н.В.)