Кој се вози во владините возила кои достигнаа рекордна цена од над 50 илјади евра?

Од Центарот за граѓански комуникации велат дека посебно внимание предизвикува набавката на т.н. владини возила, односно возилата на највисоките функционери во државата што ги набавува Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР). Почнувајќи од 2012 година, СОЗР ги набавува овие возила во коишто се возат највисоките државни функционери по пат на т.н. оперативен лизинг, односно ги изнајмува за период од три години по којшто ги враќа и набавува нови.
Последната ваква набавка се спроведе минатата година, кога беа набавени 45 возила по цена на лизингот за едно возило од 50.437 евра. И овој пат се набавија возила од марката „шкода суперб“. За прв пат откако Владата набавува вакви возила според оваа постапка, просечната цена на едно возило достигна рекордни 50.437 евра.
Според информациите од СОЗР, четирите возила за поранешните претседатели ги користат Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Вилма Трајковска и Стево Пендаровски.
Трите возила за Собранието ги користи претседателот на Собранието, Африм Гаши при што едното возило е за него, а другите две се за неговиот „ескорт“.
Од петте владини возила, три се за премиерот, односно едно за него и две за неговиот „ескорт“ и две се за владиниот протокол.
Трите возила на СОЗР, пак, се користат од Секторот за превоз и одржување на моторни возила, за „опслужување на странски делегации министерства“.