Кој се плаши од Христијан Мицкоски? Никој, вели Венко Филипче

Ова е срам и за функцијата што ја извршува, и за универзитетите, и за Собранието, и за Владата, и за државата, го оцени вчерашниот настап на премиерот лидерот на СДСМ


Венко Филипче: „Извинувањето на Мицкоски беше изнудено“

 

Навредите што вчера премиерот Христијан Мицкоски ги кажа во Собранието кон опозициските пратеници се доказ за неговата слабост и неспособност. И никој не се плаши од него.

Вака денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го оцени вчераниот хаотичен ден во Собранието кога се расправаше за реконструкцијата на владата. Откако пратеникот Фатмир Битиќи (СДСМ) ја критикуваше работата на владата во изминатите две години Мицкоски го нарече „фрустриран и мизогин лик“ кој „не заслужува внимание од претседател на влада“ и дека ја користел својата етничка припадност за да ги покрие своите слабости, па затоа ќе му посветел „неколку секунди“.

„Кога нема резултати, кога нема решенија, Мицкоски ги навредува и им се заканува на пратениците во Собранието. Вчера направи хаос за да ја прикрие сопствената неспособност, тоа што Владата нема апсолутно никакви резултати во ниту еден сегмент на функционирањето и се обидува да создаде алиби за предвремени избори“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ потенцираше дека недоличниот начин на кој зборува Мицкоски, не е ништо ново во однесувањето кон граѓаните и политичките неистомисленици и најмалку доликува на универзитетски професор и премиер.

„Ова не е ново негово однесување. Граѓаните ги нарекуваше ‘талог на општеството’, ‘глодари’, ‘медиокритети’, ‘мекотели’ и други погрдни зборови, а сега почна да ги навредува и пратениците во Собранието. При тоа, навредите многу повеќе кажуваат за него отколку за што било друго. Тоа ли е универзитетски професор? Тоа ли е премиер, претседател на владата. Ова е срам и за функцијата што ја извршува, и за универзитетите, и за Собранието, и за Владата, и за државата. Каква порака им испраќа на младите, на студентите, на граѓаните? Вакво однесување од еден претседател на Влада досега не е видено. Ниту кај нас, ниту каде било во Европа. Ваков потценувачки однос кон граѓаните и кон пратениците нема никаде во Европа. Граѓаните заслужуваат почит и достоинство, заслужуваат премиер што обединува, а не човек што ги дели и ги навредува“, рече Филипче.

Во однос на извинување на Мицкоски на крајот од собраниската седница, Филипче оцени дека станува збор за политички театар без вистинско преземање одговорност.

„Тој само создаде привид, се извини во празна сала, кога опозициските пратеници ја напуштија салата… така направи еден политички театар. Едно срамежливо, изнудено ‘извинете’. Меѓутоа, тоа не може да ги избрише навредите и неговиот начин на однесување“, рече Филипче.

Филипче повтори дека заканите и навредите се одраз на слабост, а не на сила. „Никој не му се плаши на Христијан Мицкоски. Овој начин на однесување е само одраз на неговата слабост и неспособност“, рече претседателот на СДСМ.

Зборувајќи за денешниот „супер вторник“, кога Црна Гора и Албанија затвораат по три поглавја од кластерите, а Украина и Молдавија отвораат нови во преговорите со ЕУ, Филипче рече дека ова е „уште еден потсетник колку Македонија ја губи трката со земјите од регионот и пошироко, додека владата нема ниту стратегија, ниту дипломатска иницијатива за деблокирање на европскиот пат“.

Тој додаде дека во момент кога сите европски лидери беа на едно место, премиерот Мицкоски избра да не оди во Париз и лично да се бори за интересите на државата, испраќајќи вицепремиер наместо самиот да ја претставува Македонија.

„Ние сме претставувани од вицепремиерот Беким Сали. Немам никаква забелешка во протоколарниот дел, но дали е ова вистинско однесување на еден премиер на држава? Да не биде присутен на место каде што се собрани сите европски лидери, на едно место каде што може да ги искористи, да се бори за државата, тој избира да не оди и таму да го прати вицепремиерот. Само уште еден показател дека овој премиер за Македонија не се бори. Ниту има желба, ниту има визија, ниту има капацитет“, рече Филипче.