Данок за екстра добивка ќе има за 180 компании

Со новиот данок ќе бидат опфатени фирми кои годинава оствариле приход од над 10 милиони евра и е поголем од 20 отсто во однос на четиригодишниот просек


 

Владата очекува со новиот закон за екстра добивка да наплати дополнителни 90 милиони евра за државната каса, а со оваа давачка ќе бидат опфатени околу 180 фирми кои годинава оствариле вкупен приход од над 10 милиони евра и чиј профит е поголем од 20 отсто во однос на четиригодишниот просек. Со овој закон ќе бидат опфатени практично компании од сите стопански сектори, а не само од одредени дејности, како што тоа е случајот во други земји кои имаат воведено слична мерка.

Новиот закон допрва треба да се донесе, но веќе крена многу прашина меѓу стопанствениците, кои сметаат дека станува збор за данок за успешните и на оние кои чесно ги пријавуваат и плаќаат своите обврски, како и дека не е насочен кон сузбивање на сивата економија, која кај нас се проценува на 40 отсто од БДП и каде што има простор за дополнително зголемување на буџетските приходи.

Од Владата, пак, велат дека данокот е добро одмерен и дека станува збор за кризна давачка која што се предлага да се воведе еднократно врз основа на деловните резултати остварени годинава.

„Дополнителниот данок на добивка е нов данок, народски кажано, кризен данок кој што се воведува еднаш и ќе се однесува само на добивката остварена во 2022 година“, изјави денес вицепремиерот Фатмир Битиќи на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој објасни дека со законот се предвидува да бидат опфатени компаниите што имаат приход над 10 милиони евра оваа година и коишто имале одреден профит.

„Доколку нивниот профит годинава не е поголем од 20 отсто од просечниот профит во последните четири години, тие нема да се опфатат. Сите кои што ќе бидат над оваа граница, ќе бидат опфатени“, рече Битиќи.

Тој направи и симулација.

„Да претпоставиме дека некоја компанија има просечен профит последните четири години од еден милион евра, а оваа година се дозволува плус 20 отсто, тоа значи 1,2 милиони евра профит. До 1,2 милиони евра ќе има иста даночна стапка како што имала и до сега. За разликата од 1,2 милиони евра до евентуално новиот профит кој да речеме е два милиони евра, односно на 800 илјади евра ќе се пресметува 30 отсто дополнителен данок на добивка. Тоа значи дека компанијата само за оваа година ќе плати дополнителни 240 илјади евра во име на дополнителен данок на добивка. Тоа е единствената разлика“, објасни вицепремиерот Битиќи.

Според него, целта на оваа мерка не е да се казни било кој, туку дека во Владата сметаат дека праведноста и правичноста во секој даночен пристап треба да биде клучна.

„Во енергетска криза, во период на криза, клучно е да се запази потребата да им се помогне на сите најранливи категории“, рече Битиќи.

Инаку, до сега Министерството за финансии имаше две средби со претставници на стопанските комори и со стопанствениците на кои станало збор за оваа нова давачка.

Од таму велат дека немаше реакција овој закон да не се донесе, туку се дебатирало повеќе за критериумите и за дефинирање што е тоа екстра профит.

На пред новогодишната средба со новинарите, министерот за финансии Фатмир Бесими во неформален разговор со новинарите рече дека со законот се очекува да бидат опфатени околу 180 компании.

Инаку, износот кој што Владата очекува да го наплати, 90 милиони евра е повеќе отколку што е целата даночна реформа.

Како што посочи на средбата со новинарите министерот Бесими, ниту Владата ниту Министерството за финансии нема расположение да оди со нов данок, но кога веќе се размислува за нешто такво тоа треба да се гледа сериозно и од коморите. 

Според неговото објаснување, дополнителниот данок на добивка не е дел од даночната реформа која што помина во Собранието, ниту пак е вкалкулиран во Буџетот за 2023 година кој веќе е донесен.

Од Владата логиката за донесување на ваков данок ја гледаат во тоа што од Европската унија се добиени 80 милиони евра грант, кои се всушност пари од даночните обврзници на граѓаните на земјите членки на ЕУ. Плус, самата ЕУ им дава можност на земјите членки да воведат нов данок како вонредна давачка која генерално ќе се однесува на остварениот екстра профит за време на кризата.

Разликата е во тоа што таму претежно се опфатени енергетските компании кои на бранот на екстремни поскапувања на енергентите остварија енормни профити. 

Кај нас, пак, состојбата е сосема поинаква, па енергетските компании, или повеќето од нив, кои што произведуваат струја, не само што немаат профити, туку се потпираат на буџетска поддршка од државата за да ги одржат колку толку прифатливи цените за граѓаните.

Инаку, од Владата посочуваат дека екстра профитот се оданочува и во Велика Британија, со стапки од 30 и 35 отсто, во Унгарија од 25 до 65 отсто (таму покрај енергетски компании се опфатени и компании од авиосообраќајот, финансиски услуги, трговија на мало и други), во Хрватска со 33 отсто, Италија со 50 отсто… Таму исто така е различна и границата која се смета за екстра профит – во Хрватска е 20 отсто над просекот, но како основа се зема целата добивка, во Италија 10 отсто.

Она што е карактеристично за моделот кој кај нас го предлага Владата е што данокот ќе се однесува на сите сектори во стопанството.

„Се прават анализи, но знам дека ќе бидат опфатени компании коишто се во производство. Иако имам свое размислување, затоа што креираат додадена вредност, сепак системот не може да ги исклучи нив. Мислам дека ќе бидат опфатени и секторот фармација, трговија со прехранбени производи, малопродажба, големопродажба , енергетика, тие што тргуваат со нафтените деривати, банките… Значи има различни сектори“, одговори Битиќи на новинарско прашање.

Инаку, според владиниот предлог, како основа нема да се зема целата добивка, туку онаа во билансот, што значи после ослободувањата, за реинвестирана добивка и слично.

Од Министерството за финансии посочуваат дека ова не е составен дел од даночната реформа, како и дека не очекуваат фирмите во последните денови од годинава да се обидуваат со сметководствено зголемување на трошоците или на резервациите кај банките, да се обидат да ја намалат реалната добивка која ја оствариле годинава. Тоа е и логиката зошто всушност законот се предлага на самиот крај на годината, со цел да се избегнат вакви обиди за евентуални  манипулации.

Инаку, Бесими на неформалната средба со новинарите посочи дека со оглед дека станува збор за посебен вонреден данок, средствата нема да бидат директни буџетски приходи, туку ќе одат  во програмата за антикариозни мерки. 

Притоа, како што објасни, ќе се знае точно колку пари се собираат и каде одат, но во исто време за толку пари колку што ќе се соберат практично ќе се намали и дефицитот, а со тоа и јавниот долг.

Сепак, дали овој закон ќе биде донесе, ќе зависи и од расположението во Собранието, бидејќи треба прво да помине во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. А, таму се можни секакви партиски и политички нагодувања, за што најдобар пример е задолжувањето кај ЕБОР за енергетскиот сектор, за што уште нема расположение кај опозицијата да се стави на дневен ред.