Кој ќе го урне панорамското тркало и рингишпилот кај СЦ „Борис Трајковски“
Рингишпилот кој никнува во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, а нема дозвола ниту од Град Скопје, ниту од Општина Карпош, ќе се отстранува со полиција.
Од Општина Карпош, денеска демантираа дека издале дозвола. Во врска со поставените реквизити за рингишпил во близина на спортскиот центар „Борис Трајковски“, Општина Карпош демантира дека е издадено било какво одобрение за негово функционирање од едноставна причина што општината нема надлежност за издавање на вакви одобренија.
„Очигледно се работи за насилник за кого законските процедури не важат, па според тоа надлежните државни институции треба најостро да го санкционираат, имајќи во предвид дека ги нема потребните одобренија да ја врши оваа дејност на предметната локација. Доколку некој врши дејност без потребни согласности од надлежни локални или државни институции и без соодветна техничка документација, забрана за вршење на дејноста изрекува државниот пазарен инспекторат“, пошучуваат од таму.
Бидејќи во текот на вчерашниот дел на лице место покрај градежен инспектор од општината биле и инспектори од МВР, УЈП и Пазарен инспекторат, општината бара тие да ги искористат своите законски овластувања и да се затвори овој случај.
Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, на 20.05.2024г. Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје во координација со службени лица од Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и градежен инспектор од Општина Карпош излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања.
Имено, од страна на инспекциските служби по преземените мерки и активности и констатираната фактичка состојба изготвени се Записници за констатирана состојба додека од страна на овластен градежен инспектор од Општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ќе бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите.
Претходно, од Град Скопје известија дека правното лице „Дизниленд Реквизити“, фирма од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред „Борис Трајковски“.