Кој ќе биде нов вицегувернер на НБМ на местото на Фадил Бајрами кој на функцијата е од 2005 година


Вицегувернерот на Народната банка на Македонија со најдолг стаж, Фадил Бајрами, наскоро ќе добие наследник на престижната функција. До Собранието е испратен предлог од страна на гувернерот Трајко Славески, тоа да биде Арлинда Хасани Синани, искусна банкарка од Тетово, која е вработена во Стопанска Банка АД – Скопје, на позицијата регионален директор за Северозападниот регион.  

Во дописот до Собранието, гувернерот Славески наведува дека по спроведување на јавниот оглас, предлага законодавниот дом за вицегувернер на Народната банка на Република Северна Македонија да ја именува Арлинда Хасани Синани.

Славески во предлогот образложува дека со Централната банка управува Советот на Народната банка, кој се состои од девет члена од кои гувернерот и тројца вицегувернери со статус на извршни членови и пет неизвршни членови.

Членовите на Советот се именуваат за период од седум години со право на повторен избор. Вицегувернерите ги именува Собранието на предлог на гувернерот.

Со Одлука за именување вицегувернер на Народната банка од 31 август 2019 година, Собранието на седница одржана на 31 август 2019 година за вицегувернер на Народната банка го именуваше д-р Фадил Бајрами. Мандатот од седум години на именуваниот вицегувернер му истекува на 14 септември 2026 година. Имајќи го предвид наведеното, во согласност СО Членовите 50 и 50-а од Законот за Народната банка, Народната банка објави јавен оглас за избор на кандидат за вицегувернер.

„По спроведување на јавниот оглас, предлагам Собранието за вицегувернер на Народната банка да ја именува Арлинда Хасани Синани“, вели Славески во предлогот.

Во биографијата која е придружен дел од предлогот, се вели дека Хасани Синани е банкарски професионалец со 22 години работно искуство во банкарскиот сектор, стекнато преку извршување стручни и раководни должности и функции во областа на кредитирањето, управувањето со ризици и деловното банкарство.

Професионалната кариера ја започнала во Прокредит Банка АД Скопје како кредитен аналитичар, по што извршувала повеќе раководни функции, вклучително и директор на експозитура, директор на Деловен центар и директор на Секторот за мали и средни претпријатија.

Во Стопанска Банка АД – Скопје ја извршувала функцијата директор на филијала, а од 2023 година е регионален директор за Северозападниот регион.

Притоа, се додава дека во текот на кариерата стекнала искуство во примената на регулаторната и супервизорската рамка на банкарскиот систем, управувањето со ризици, корпоративното управување и процесите на одлучување во банкарското работење. Била член на Комитетот за ризик, Комитетот за кредитен ризик, комитетот за управување со средства и обврски (ALCO) и Комитетот за човечки ресурси. Професионалното усовршување го остварувала преку програмите за среден и висок менаџмент на ProCredit Academy во Франкфурт на Мајна, Сојузна Република Германија.

Инаку, Фадил Бајрами функцијата вицегувернер на НБМ успешно ја извршува од 2005 година, односно повеќе од две децении. Тој е доктор по економски науки, а во периодот пред да биде именуван за вицегувернер, бил пратеник во Собранието.