Кој е „следниот свет“ по корона вирусот

После секоја траума се уверуваме себеси дека катастрофите ќе испровоцираат поздрава свест за подобар свет. Едно е сигурно, оваа криза го сигнализира забрзувањето на новиот капитализам – дигиталниот капитализам
Дејан Буѓевац
(Специјално за „Независен“)
Париз – Вирусното цунами, кое ја принудува половината од човештвото да се замолчи и изолира, кое ги заплашува државите и ја парализира светската економија, еден ден на крајот ќе го запре својот смртоносен тек. Но, како ќе се разбудиме од овој кошмар? Нè проголта бран што никој не може да знае колку далеку ќе оди или кога ќе заврши. Како ќе изгледаат последиците од здравствената криза, која нè принудува да се запрашаме кој е овој свет што ја забележа епидемијата на корона вирусот? Какви догми ќе предизвика ова планетарно зло?
Пандемијата останува глобален тест за медицинските капацитети и здравствените системи, за компетентноста и умеењето во политичкото управување, за секаков вид на волја, издржливост и вера, и секако тест за силата на идеите што секој човек ги избира за да му помогнат да формира граѓански, етички и психо-социјални одлуки, кои го водат во овој период на радикална социјална дистанца. Ова е тест за тоа каде луѓето се застанати во овој момент. Што е правилно, а што не е во ред? Што можат да очекуваат поединците од општеството и што може да очекува општеството од нив?
Прашањата засега остануваат отворени и непредвидливи. На краток рок, се разбира, ние го замислуваме најлошото: здравствени системи во колапс, смртни случаи од стотици илјади, дури и од милиони, тотални прекини во синџирот на снабдување, крај на консумеризмот, немири, грабежи и сè што следува. Песимистите се обложуваат на социјални конвулзии, оптимистите сонуваат за нови солидарности и малку повеќе мудрост.
Левица
Како француската левица генерално размислува за пост-коронавирусот? Тие веќе зборуваат за „следниот свет“. Многу интелектуалци, активисти и левичарски политичари се убедени дека сегашниот модел, заснован на економски раст, доминантна прогресивна идеологија и глобализирана слободна трговија, се распаѓа. Паралелно со прашањата за излез од карантинот, веќе се поставува прашањето за билансот на состојбата на функционирањето на нашите економии и нашите општества. Дали кризата со Ковид-19 ќе биде можност да го реновираме нашиот модел и да се определиме за економски и политички мерки што претходно биле незамисливи? После секоја траума се уверуваме себеси дека катастрофите како тероризмот, лудите финансии и сега пандемијата, ќе испровоцираат поздрава свест за подобар свет. Но, која е таа морална надеж за градење на ново утро после корона вирусот? Едно е сигурно, оваа криза сигнализира забрзување на новиот капитализам, кој веќе фундаментално функционира, а тоа е дигиталниот капитализам.

Влијателниот француски невролог и психијатар Борис Цирулник, познат по развивањето на концептот на отпорност од трауми, за Радио Канада изјави дека секогаш кога се случила природна катастрофа – вулканска ерупција, поплава, цунами – или културна непогода, како што е војната, животот продолжувал. Но, во друга форма. Веќе имало пет изумирања во историјата на планетата. Отсекогаш било така на биолошко ниво, а исто така и во однос на човечките катастрофи.
„Ако економијата закрепне, ќе мора да се ориентира поинаку, потрошувачката ќе мора да се забави, воздушните патувања ќе треба да се намалат. Преголемата потрошувачка на месо го влошува ефектот на стаклена градина. Со изметот на цицачи измешан со изметот на птици, се создава вистинска култура на вирус. Значи, ако ја вратиме истата потрошувачка повторно, ќе имаме епидемија на корона вирус за една или две години. Мислам дека потрошувачката и циркулацијата и мобилноста треба да се ориентираат поинаку. На уметничко ниво, во Европа, секој пат кога има епидемија, уметноста има целосно променета форма. По Втората светска војна ја ревидиравме важноста на домот и го ревалоризиравме семејниот ритуал на готвење. Како и сега: луѓето повторно почнуваат да готват здрава храна затоа што имаат време. Претходно, тие заради работните обврски купуваа алуминиумски прибор со храна полна со сол и шеќер“, смета Цирулник.
Франција и шесте трендови
Секоја година, почнувајќи од 1975 година, познатата Опсерваторија за француски вредности и начин на живот – Sociovision (groupe Ifop), врши истражувања со репрезентативен примерок од 2.000 Французи на возраст меѓу 15 и 74 години за многу димензии, како што се мислења, состојба на умот, слободно време, иднина, модели на потрошувачка… Ова е првиот преглед на Sociovision реализиран за време на епидемијата. Трендовите што напредуваа во изминатите пет години се задржани и оваа година и има причина да веруваме дека тие ќе продолжат и ќе бидат засилени со актуелниот карантин на целото француско население.
- Владеењето на „е-живот“ ќе се забрза
Карантинот и „социјалната дистанца“ се благослов за општеството на екраните. Трендот „е-life“, кој веќе е во тек, ќе се забрза со затворените домови, а „Нетфликс“ или „Амазон“ стануваат следните пророци! Од е-трговија до е-конференции, преку е-аперитиви, дематеријализацијата ќе доживее спектакуларен напредок. Во 2019 година, 24 отсто од Французите секојдневно гледаа платформи од типот „Нетфликс“. Други практики ќе се развиваат во тековниот контекст: оддалечени состаноци, телеконсултации на лекари, психолози, работа од дома, далечинско образование, дигитални медиуми, продажба на дистанца, доставување до домови… Дематеријализацијата на начинот на живот ја забрзува својата неодолива прогресија.
- Французите ќе се фокусираат на најважните работи
Задолжителното домашно затворање креира и втор долгорочен ефект: им дозволува на многу луѓе да се фокусираат на она што им е навистина важно, или, во најмала рака, да размислат за тоа со мирна глава. Во 2019 година, независно од пандемијата, 73 отсто од Французите се согласиле со следнава изјава: „Би сакал да се вратам на основите, да се фокусирам на она што навистина ми е важно“. Бројка која се зголемила за три проценти во однос на 2018 година. Оваа желба досега била спречувана од недостиг на време. Карантинот сега им дава можност на Французите да го надоместат изгубеното време. Како прво, време за себе. Затоа што тоа е она што честопати им недостасува, како и на сите останати луѓе: моменти токму за себе, кога никој не доаѓа да ги вознемирува. Исто така, повеќе време им е на располагање и за најблиските. Со ширењето на интернетот, сѐ повеќе и повеќе активности се преземени од далечина (комуникација, купување, продажба, изнајмување и сл.). Тековниот период опфаќа голема социолошка еволуција од последниот период. Така, во 2019 година, 66 отсто од Французите препознаваат и „претпочитаат да минуваат тивки моменти со семејството или пријателите или дома, отколку да ги гледаат надвор“. Искуството со самоизолацијата ќе ѝ даде на куќата централна улога а, за некои, можност повторно да ја откријат.
- Рационализацијата на потрошувачката ќе продолжи
Потрошувачката е третата област што треба да ги потврди неодамнешните настани. Од 2009 година, навиките на Французите се променија многу. Тие станаа порационални. Чувството за намалено купување влијае на поголемиот дел од француската популација. Потрошувачите сега обрнуваат поголемо внимание, арбитрираат повеќе, бараат најдобри цени и им треба повеќе време да одлучат. Деценијата 2010-2019 година беше одбележана со бумот на половниот пазар. Надвор од цената, тие размислуваат повеќе за содржината на она што го купуваат. Ерата на хиперконсумација и акумулација е зад нас. Поинформирани, а понекогаш и постручни, Французите бараат поголема транспарентност, здравствени гаранции и висок квалитет. Без сомнение, оваа криза ќе ги направи ваквите нешта уште побитни. Но, треба да бидеме внимателни и да не заклучуваме премногу брзо за блиската иднина креирана од штедење и минимализам. Затоа што после овие времиња на присилна изолација, веројатно е дека малите задоволства од храна (сладолед, чоколада, добри домашни јадења…) и социјалните игри, ќе следат некое време, како придружна сесија. Французите ќе имаат огромна желба да се опуштат, а со тоа и подигање на конзумацијата.
- Потрагата за колективни вредности ќе се зголемува
Во 2010 година, американскиот социолог Шери Туркл ја објави книгата „Само заедно: сè повеќе технологија, а помалку и помалку човечки односи“. Во оваа книга, која брзо стана референца, таа покажа дека ширењето на интернет произведе парадокс: луѓето биле физички заедно, но практично изолирани. Со карантинот во цела Франција, тоа е спротивно: луѓето се физички изолирани, но виртуелно заедно. Убав пресврт кој може да не ја преживее епизодата со корона вирусот, но кој ја изразува потребата да бидат поврзани со другите. Сепак, потрагата за колективност е реална и сè повеќе се потврдува во општеството. Истражувањата на Sociovision помеѓу 2014 и 2019 година, покажале дека на списокот од 22 збора, зборовите „солидарност“ и „братство“ се меѓу најцитираните зборови. Чувството е дека вредностите на солидарноста губат основа и дека затоа мора да бидат одбранети. Оваа колективна желба после кризата ќе се наметне и врз деловните активности. Побарувачката за општествена одговорност во компаниите и понатаму ќе продолжи.
- Здравјето ќе претставува главен дел од еколошката свест
Нема сомнение дека епидемијата на коронавирус и нејзините национални последици ќе го засилат убедувањето што веќе го делат 42 отсто од Французите дека „нашата цивилизација наскоро ќе исчезне“. Она што е јасно е дека здравствениот аспект на еколошката свест, ќе излезе посилен од оваа криза. Деградацијата на нашето опкружување, особено штетните ефекти од загадувањето врз Французите, е загриженост што скокна за неполни три години. Всушност, процентот на Французи кои се изјаснуваат дека „повеќе и повеќе внимаваат на производите што ги купуваат а кои би можеле да влијаат врз здравјето“ никогаш не бил толку висок (82 отсто во 2019 година). Односот кон работата ќе продолжи да се менува
Конечно, веројатно е дека работата ќе се промени. Не само на практично ниво, затоа што работата од дома ќе доживее значителен бум веќе во наредните недели и дефинитивно ќе стане нормален начин на работење во иднина. До неодамна, сево ова беше тешко прифатливо во главите на француските менаџери. Денес, речиси секој втор или трет смета дека е пожелно во иднина да се работи надвор од просториите на неговата компанија, во простории на дистанца или од дома. Овој број веројатно ќе се зголеми по епизодата со корона вирусот, а што следи по долгата низа на штрајкови против владиниот проект за пензиски реформи. Но, во начинот на кој ја гледате вашата работа нештата веројатно ќе се променат драматично. Французите, во текот на изминатата деценија, ја сфатија важноста за одржување на рамнотежата работа-живот. Претходните генерации го занемарија овој баланс. Оваа оска веројатно ќе се појави зајакната од оваа здравствена криза.