Кој е ајатолахот Али Хамнеи и зошто Израел сака да го ликвидира?

Деновиве, се појавија информации дека Израел планирал да го убие врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, но американската администрација наводно интервенирала за да го спречи потегот. Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп се закани на социјалните мрежи со зборовите: „Знаеме точно каде се крие таканаречениот „Врховен лидер“.
Кој е Хамнеи?
Али Хамнеи е врховен лидер на Иран и е на таа позиција повеќе од триесет години. Неговата позиција е супериорна во однос на самиот претседател, моментално Масуд Пезешкијан, што го прави Хамнеи најмоќниот религиозен и политички авторитет во земјата.
Покрај тоа што има далекусежни овластувања во водењето на државата, Хамнеи води тврдокорен религиозен режим кој ја презеде власта за време на Исламската револуција во 1979 година. Потоа беше соборена иранската монархија предводена од шахот Реза Пахлави и беше воспоставена теократска република.
Оттогаш, Иран има само двајца врховни лидери, кои се назначени од Советот на експерти, а титулата „Ајатолах“ се однесува на висок верски достоинственик во шиитскиот ислам.
Зошто Израел би го таргетирал?
Како врховен лидер, Хамнеи е и врховен командант на вооружените сили на Иран, што е една од клучните причини зошто Израел го смета за легитимна цел. Со оглед на неговата директна улога во управувањето со воените и нуклеарните капацитети на Иран, неговата елиминација во очите на израелските лидери би можела да значи дестабилизација на системот за донесување одлуки во Техеран.
Во Иран, кој функционира како авторитарна држава, граѓаните немаат влијание врз изборот на врховниот лидер. Критиките кон Хамнеи – дури и преку социјалните медиуми – честопати резултираат со затворска казна.