Кој дозволил да има дискотека во супстандарден објект?

Објектот во кој работела дискотеката „Пулс“ бил стара градба и очигледно сосема несоодветна за таква намена. Порано овој објект кој се наоѓа во близина на станбена зграда во Кочани бил магацин за теписони. И покрај тоа објектот од општината добил дозвола да биде дискотека.

Според неофицијални податоци, објектот добил лиценца за работа во 2012 година. Тогаш, за првпат му било одобрено да работи како угостителски објект, иако според првичните информации, претходно бил користен како магацин и прашање е колку овој објект воопшто ги исполнувал техничките и безбедносните услови за да добие лиценца или таканаречените „минимум технички услови“ за работа. Прашањата кои треба да се одговорат се: Дали во 2012 година биле направени сите потребни проверки? Дали било утврдено дека просторот ги исполнува стандардите за противпожарна заштита, безбедносни излези и капацитет за евакуација? Ако основниот проблем потекнува од 2012 година (времето на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ), тогаш јавноста треба да знае кои институции, кои функционери и под чија одлука му дозволиле на поранешен магацин да стане ноќен клуб?
Според она што може да се види, од пожарот е уништен покривот и целосно е изгорена внатрешност на објектот во кој била сместена супстандардната дискотека „Пулс“ во Кочани во која, според информациите што ги соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, загинаа најмалку 51 човек.