Кој добива, а кој губи со договорот за царините меѓу ЕУ и Трамп
ЕУ е јасен губитник од договорот со Трамп. Таа направи премногу отстапки

САД и Европската Унија постигнаа она што го нарекуваат најголем трговски договор во историјата по разговорите во Шкотска. Договорот досега повеќе личи на рамковен договор отколку на целосен трговски договор бидејќи деталите сè уште не се јасни. Но, бројките што ги објавија претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, даваат индикација за тоа кој би можел да профитира, а кој би можел да изгуби од овој договор, анализира Би-Би-Си.
Трамп – победник
Откако вети серија нови трговски договори со бројни земји, претседателот на САД, Доналд Трамп, сега го испорача најголемиот од сите.
Според првичните анализи, се чини дека ЕУ направила повеќе отстапки, што е голема политичка победа за Трамп во време кога агресивноста и уцената се чинеше дека не даваат плод во трговските прашања. Аналитичарите на „Капитал економикс“ проценуваат дека договорот ќе го намали БДП на Унијата за околу 0,5%. Покрај тоа, Вашингтон очекува приходи од десетици милијарди долари од царини за увоз од ЕУ.
Сепак, позитивните наслови за Трамп би можеле брзо да исчезнат ако претстојните економски индикатори – инфлација, вработеност, раст и доверба на потрошувачите – покажат дека неговите агресивни трговски политики ѝ штетат на американската економија.
Американските потрошувачи – губитници
Граѓаните на САД веќе се незадоволни од растечките трошоци за живот, а новиот договор би можел дополнително да ги зголеми цените на производите од ЕУ.
Иако царината од 15% не е највисоката можна, таа е значително повисока отколку пред враќањето на Трамп во Белата куќа. Царинските давачки се даноци за стоки увезени од други земји – на пример, на производ што чини 100 долари, се додаваат 15 долари данок, па конечната цена за увозникот е 115 долари.
Компаниите често ги пренесуваат овие трошоци на клиентите.
Финансиски пазари – победници
Берзите во Азија и Европа пораснаа по објавувањето на договорот.
Иако царината од 15% е значајна, таа е пониска од очекуваното и им дава одредена сигурност на инвеститорите. Аналитичарите велат дека договорот е „пријателски настроен кон пазарот“ и би можел дополнително да го зајакне еврото.
ЕУ – губитник
Договорот мора да биде ратификуван од сите 27 членки на ЕУ, секоја со различни интереси и нивоа на зависност од американскиот извоз, додека отстапките направени од ЕУ се значителни.
Некои земји го поздравија договорот, додека други беа критични, откривајќи поделби во рамките на унијата која се справува и со други кризи, вклучително и војната во Украина.
Францускиот премиер Франсоа Бајру рече: „Ова е мрачен ден кога сојузот на слободни народи, собрани да ги бранат заедничките вредности и интереси, се поклонува“. Некои француски министри се согласија, како и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој рече дека Трамп „ја изел фон дер Лајен за појадок“.
Германските производители на автомобили – губитници
Трамп воведе царина од 27,5% за увоз на автомобили од ЕУ во април, сега намалена на 15%.
Иако олеснувањето е добредојдено, германската автомобилска индустрија – најголемиот производител во ЕУ благодарение на брендови како VW, Mercedes и BMW – сè уште проценува дека таквата царина би ја чинело индустријата милијарди евра годишно.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека го поздравува договорот, но би сакал да види поголемо отворање на пазарот.
Американски производители на автомобили – победници
ЕУ се согласи да ја намали својата царина за американските автомобили од 10% на 2,5%, што би можело да ја зголеми продажбата на американски возила во Европа.
Но, сложеноста на производството на автомобили во САД, што вклучува склопување во Канада и Мексико, значи дека администрацијата на Трамп ќе продолжи да ги оданочува со 25% кога се увезуваат во САД – повеќе отколку што ќе прави за автомобилите од ЕУ.
Тоа би можело да им наштети на домашната продажба на американските производители ако Трамп не ја укине царината.
Енергетска индустрија на САД – победник
Трамп објави дека ЕУ ќе купи американска енергија во вредност од 750 милијарди долари и ќе инвестира дополнителни 600 милијарди долари во САД.
„Ќе го замениме рускиот гас и нафта со големи купувања на американски течен природен гас (LNG), нафта и нуклеарно гориво“, рече фон дер Лајен.
Ова дополнително ќе ја зајакне енергетската врска ЕУ-САД, но и зависноста на ЕУ од Америка, особено затоа што Европа се стреми да се оддалечи од руските извори на енергија по руската инвазија на Украина.
Авиоиндустријата – победник
Фон дер Лајен изјави дека одредени стратешки производи, вклучувајќи авиони, делови за авиони, некои хемикалии и земјоделски производи, нема да имаат никакви царини.
Ова значи дека производителите и добавувачите на компоненти за авиони во САД и ЕУ ќе можат слободно да тргуваат без дополнителни трошоци.
ЕУ се надева дека ќе се договори за повеќе аранжмани без царини „нула за нула“ во наредните денови, на пример за вина и жестоки пијалоци.