Кој беше Ванчо Михајлов: Македонски терорист и бирократ
Зошто човекот, кој го презеде ВМРО по Александров и Протоѓеров, изрекуваше толку смртни пресуди: „Тоа беше неопходно зашто организацијата немаше затвори за издржување на тие што ги прекршиле правилата на уставот“, зборуваше децении подоцна Михајлов
Во центарот на Софија, во Борисовата градина, во 1990-те години, беше подигната спомен-биста на маж на средна возраст во паравоена униформа. Се однесува на Иван Михајлов (1896-1990), лидер на терористичката Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) од 1928 до 1934 година, сојузник на Мусолини, Хитлер и на усташката Независна Држава Хрватска. На Балканот тој е познат и како нарачател на многубројни политички убиства на македонски и бугарски дејци, како и југословенски политичари и заедно со Анте Павелиќ тој е автор на атентатот во Марсеј во 1934 година. И покрај тоа, по 1945 година, против него не само што не е поведена судска постапка, туку тој дури и денес е непознат во Европа на ЕУ.
Неоспорен факт е дека во Европа во периодот меѓу двете светски војни, меѓу национално-револуционерните движења, кои си поставуваа за цел преразгледување на Версајскиот договор, воено најспособна и за тоа најопасна и ултимативно најефикасна, е ВМРО. Нејзината краткорочна цел е присоединувањето на Вардарска Македонија, која што од 1918 година е дел на Југославија, кон Бугарија, а подалечна – обединување на сите делови кои припаѓаат на историската територија на Македонија, во една Голема Македонија, на која главен град би бил Солун. ВМРО се бори против новата југословенска држава од бугарската и албанската територија, кога секоја пролет преку границата преминуваат меѓу 1.000 и 2.000 илјади униформирани четници.
По 1922 година ВМРО формира држава во држава на територијата на југозападна Бугарија – во Петричкиот крај. Тоа станува со согласност на власта во Софија, и покрај нејзините „чкртања со заби“. Таа држава во држава располага со самостоен даночен, полициски и правен систем, одделни печатени медиуми и банки. Освен тоа, ВМРО има и сопствена фракција во бугарскиот парламент. Нејзиниот голем дипломатски апарат соработува со Турција и Унгарија, склучува сојузи со СССР и со Италија. Само Германија откажува соработка со ВМРО – макар што и таму голем број политичари, дипломати, претприемачи, интелектуалци и новинари се големи симпатизери на организацијата.
Во 1927 година во раководството на ВМРО се јавуваат различни погледи во однос на тактиката на организацијата. Интензивната партизанска борба е заменета со принципот на терористичка дејност: кон познати југословенски лидери се насочуваат тројки или петорки на атентатори; кон претставници на новиот европски повоен поредок се подготвуваат самоубиствени атентати; а против дисиденти во сопствените редови се изрекуваат смртни пресуди. Во 1928 година таа нова тактика доведува до остар внатрешен конфликт, кој ја поделува организацијата на две крила и кои влегуваат во масовно братоубиство.
Движечка сила на тој нов развој во ВМРО е Иван Михајлов, познат уште по псевдонимот „Ратко Дејанов“. Во 1925 година, една година откако беше убиен харизматичниот лидер на ВМРО – Тодор Александров, Иван Михајлов влегува во тричлениот Централен комитет на организацијата. Тодор Александаров, којшто е прогимназиски учител и бугарски офицер, награден со Железен крст од Вилхем II во 1916 година, по Првата светска војна, заедно со бугарскиот генерал Александар Протоѓеров, ја реорганизира организацијата создадената во 1893 година, која најпрво се бори за автономна Македонија под управа на султанот, и ѝ дава нова насока во дејствувањето – присоединување на Македонија кон Бугарија. По смртоносниот заговор против Александров, Михајлов ја искористува положбата на доверлив човек – негов секретар, за да го наследи неговото место во Централниот комитет. Во 1928 година, Михајлов го порачува убиството на својот колега и противник во Централниот комитет – генерал Протоѓеров, по што ги поставува во раководството на ВМРО двајцата негови најблиски луѓе – Страхил Развигоров и Иван Караџов и така практично ја презема контролата над организацијата. Приврзаниците на Протоѓеров, под раководство на Петар Шанданов и Наум Томалевски, жестоко се спротивставуваат. Тоа доведува до долгогодишна внатрешна братоубиствена војна, која зела стотици жртви меѓу активистите од двете завојувани крила. И до денес на изразите во бугарскиот јазик „македонска работа“ или „да завршиш со нешто по македонски“ означуваат да извршиш нешто на особено жесток и крвав начин.
„Независна Македонија“ како втора бугарска држава
Во 1929 година, Михајлов започнува стратешки промени во ВМРО – оддалечување од целта за присоединување на Македонија кон Бугарија и поставување нова задача – „слободна и независна Македонија“, која би ги обединила трите дела, т.е. Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија како „втора бугарска држава на Балканот“. Во текот на 1933 година, новиот курс на дејствување се претвора во доктрина на организацијата. Според Михајлов, нацијата на новоформираната држава, која се состои од „македонски Бугари“, може да се дефинира и како „бугаро-македонска“, бидејќи е бугарска во етнокултурен и јазичен однос и македонска – во регионален. Така ВМРО си создаде непријател од политичката елита во Бугарија која до тој момент (поголемиот нејзин дел), е поволно расположен кон организацијата. Како резултат на тоа, на 9 мај 1934 година, политичкиот центар „Звено“ и воениот сојуз ја испраќаат бугарската армија против цитаделата на ВМРО во Петричко. Само за неколку денови стурктурите на организацијата се разбиени, нејзините лидери се интернирани, а во 1935 година на Михајлов му е изречена смртна пресуда.
Фатен во тесно, Михајлов успева, за разлика од останатите лидери на ВМРО, неколку месеци да се сокрива во државата и во септември 1934 година, да избега во соседна Турција. Лидерот на нова Турција – Мустафа Кемал Ататурк, роден во Македонија, му дава на Михајлов политичко прибежиште – веројатно со идеја да не може да се востанови хегемонија на Балканот од страна на Јужните Словени под форма на сојуз меѓу Југославија и Бугарија.
Непосредно по бегството на Михајлов во Турција, ВМРО успева да го нанесе својот најголем терористички удар: атентатот во Марсеј на 9 октомври 1934 година, при што загинуваат југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ и францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту. Испраќањето на искусниот атентатор на ВМРО, Владо Черноземски, е резултат на тесната соработка на Михајлов со хрватските усташи на Анте Павели против Југославија. Павелиќ е иницијатор на планот за атентатот и тој ги оценува реално професионалните можности на своите луѓе, т.е. ниско – затоа го моли Михајлов за помош. Откако нервите на тројцата хрватски стрелци на пристаништето во Марсеј не издржуваат, Черноземски ја исполнува успешно задачата што му е дадена од Михајлов. Имено, атентатот во Марсеј ја испровоцира Лигата на народите да се обиде преку Женевската конвенција да го спречува и казнува тероризмот, да ја мобилизира меѓународната јавност за спротивставување против организираниот тероризам и да ја вклучи борбата против него во меѓународното право.
Треба да се одбележи дека Михајлов, кој го прекинал студирањето право во Софија, нема искуство во партизнаската борба и никогаш не влегувал во „внатрешноста“ на Македонија (оттука и буквата „В“ во името на организацијата), т.е. во бојното поле на самиот југ на Југославија. Тој се обидува да го надмине тој недостаток, кој влијаел негативно на неговата позиција во организацијата, целосно ориентирана кон култот на хероизмот и на мачеништвото, оженувајќи се со една популарна терористка на ВМРО. Во 1926 година тој склучува брак со Менча Крничева која во 1925 година, по лична наредба на Михајлов, го изврши прославениот атентат против македонскиот политички деец во прогонство, Тодор Паница, во виенскиот „Бургтеатар“, за време на претставата „Пер Гинт“ од Ибзен. По пресудата австрискиот суд ја ослободува Крничева поради здравствени причини.
За време на четиригодишното прогонство во Турција, кога Михајлов и Крничева се интернирани најпрво во северна Анадолија, а потоа на островот Бујук Ада близу до Истанбул, тие се обидуваат без успех да добијат визи за САД. Таму во составот на Македонската патриотска организација во САД и Канада (МПО) со седиште во Форт Вејн, Индијана, ВМРО располага со густа мрежа од поддржувачи. Но, дури и Швајцарија, Романија и Велика Британија, како и бившиот сојузник на ВМРО – Италија на Мусолини, не сакаат да ја примат двојката терористи. Едвај во 1938 година, Полска им дозволува на двајцата да влезат на нејзина територија, но под услов да се воздржуваат од секаков вид политичка дејност. Михајлов и неговата сопруга добиваат визи на лична иницијатива на полскиот амбасадор во Софија – Адам Тарновски, кој уште во времето на Првата светска војна е дипломатски претставник на Австро-Унгарија во бугарскиот главен град и одржувал тесни врски со ВМРО. И покрај тоа што Варшава ги анулира визите поради бурни протести од Белград, турските власти го натоваруваат семејството Михајлов на полскиот трговски брод „Левант“ кој бил укотвен во пристаништето во Измир. По долга одисеја низ Средоземното Море, на 23 септември 1938 година, бродот најпосле пристигнал во Гдањск со своите немили и несакани патници.
И покрај тоа што Михајлов се населува во една глува провинција на Полска, тој има можност, како и пред тоа во Турција, да одржува тесни контакти со своите приврзаници во Бугарија и Северна Америка. По влегувањето на Вермахтот во Варшава во септември 1939 година, Михајлов и неговата жена, којашто говори добро германски, се поврзуваат со Гестапо. Потоа тие се населуваат во Рајхот – неизвесно е колку ќе биде долго. Таму тие се населуваат во привремено живеалиште во Берлин, во квартот Нојкелн каде што се непосредни соседи на Анте Павелиќ и неговото опкружување. Не е јасно какви контакти имал Михајлов во германскиот главен град со национал-социјалистичката власт – во архивите на Третиот рајх досега не е најдена информација по тоа прашање.
Десна рака на Анте Павелиќ
Веројатно во пролетта 1940 година, Михајлов се преселува во Будимпешта. Таму тој ја разгледува можноста со германски и италијански претставници за формирање македонска држава, додека Третиот рајх, како и фашистичка Италија се занимаваат со новата територијална поделби на југоисточна Европа. Влијанието на Михајлов врз преживеаните структури на ВМРО во Бугарија реално многу видно се намалува во април 1941 година – по повторната окупација на Вардарска Македонија од бугарските војски и воспоставување на бугарска административна структура. Поголемиот дел од приврзаниците на Михајлов го одобруваат де факто тоа присоединување како „повторно обединување“ на Македонија со „мајка Бугарија“ и прифаќаат функции во окупираната територија. Михајлов, кој непоколебливо ја следи целта – „слободна и независна Македонија“, прифаќа во мај 1941 година да се пресели во Загреб – на покана испратена од неговиот долгогодишен сојузник Павелиќ, којшто во меѓувреме стана водач („поглавник“) на германско-италијанската марионетска држава Независна Држава Хрватска (НДХ). До 1944 година, Михајлов е најважниот надворешно-политички и воено-политички советник на хрватската управа на усташите, десна рака на Павелиќ.
Од Загреб Михајлов продолжува да поддржува тесни контакти со Рим и Берлин. Пролетта 1943 година тој се договара со началниците на италијанската армија за формирање на вмровски одреди кои би ги помогнале италијанските окупаторски сили во северна Грција. Во октомври 1943 година, непосредно по повлекуваењто на Италијанците од Балканот, по преговорите со рахјсфирерот на СС Хајнрих Химлер, Михајлов договара формирање на силна вмровска заштитна група („Обезбедување“) составена од 12.000 мажи, која би била распоредена во грчки делови на Македонија окупирани од Германците. Меѓутоа, регрутирањето на нејзиниот состав се оддолжува и не ја достигнува договорената моќ. Исто така, останува нереализиран и предлогот на Михајлов даден на Павелиќ за формирање на силна платеничка армија на ВМРО, која би се борела против различните партизански одреди во босанскиот дел на НДХ.
Меѓутоа, од Бугарија – царот Борис III, како и власта на военото раководство во државата, гледаат со неспокојство на активностите на Михајлов во Загреб, бидејќи се плашат дека неговиот план да формира „слободна и независна Македонија“ може да успее. И, за да може да биде контролиран, се поништува неговата смртна пресуда и му се предлага да се врати во Бугарија и да заземе раководно место во Вардарска Македонија. На изненадување на Софија и на неговите најблиски соработници, Михајлов категорично го отфрла предлогот. Поповолна е неговата реакција кон предлогот на германскиот министер за надворершни работи, Јоахим фон Рибентроп да биде претседател на една македонска држава под покровителство на Третиот рајх. На 1 септември 1944 година, Хитлер издава „фирерска заповед“ за брзо прогласување и формирање на слична таква држава. Така, поради Црвената армија, која секавично навлегува на Балканот, треба да се гарантира повлекувањето на Вермахтот од Грција.
Неуспешната мисија во Скопје по наговор на Рибентроп
Михајлов го задржува правото да даде конечен одговор на германскиот предлог, откако ќе направи посета на Скопје. На 3 септември 1944 година тој пристигнува со германски воен авион од Загреб во Софија каде ја разгледува ситуацијата со останатите свои соработници. На 5 септември човекот за врска меѓу Михајлов и СС началникот на Шестата управа (надворешно-политичкото разузнавање) во Главната управа за империјалната безбедност, СС-бригадфирерот Валтер Шеленберг, му телеграфира на Рибентроп: „Со неколку расправи – денес и утре, Михајлов треба да се обиде да го спаси она што треба. Меѓутоа, состојбата изгледа безнадежна. И Михајлов е на истото мислење, откако сам можеше да се увери за состојбата на нештата“. Истовремено СССР ѝ објавува војна на Бугарија. Непосредното навлегување на советските трупи во балканската држава што следеше потоа, како и нивното напредување до германската основната сврзувачка линија во Вардарската долина, доведуваат до драматично изострување на воената ситуација. Како резултат на тоа, Рибентроп го притиска германскиот амбасадор во Софија. СС-обергрупенфирерот Адолф Хајнц Бекерле: „Денес фирерот одново нареди да биде прогласена независноста на Македонија – овојпат без повеќе одлагања“.
На истиот 5 септември Михајлов патува од Софија за Скопје, каде на 6 септември има повеќе средби со активисти на ВМРО и со месни првенци, како и средби со комунистички партизани и со претставници на граѓанското антибугарско ослободително движење на Методија Андонов-Ченто. Вечерта тој го соопштува своето решение, кое веднаш е испратено од германскиот генерален конзулат во Скопје до амбасадата во Софија: „Комитетот (скопските вмровци) се откажува категорично да прогласи независност на Македонија, убеден од Ванчо Михајлов, и по опстојна анализа на стекнатите состојби. Аргументирајќи го своето решение Михајлов се потпира најмногу на: прво, отсуство на приврзаници кои ќе бидат подготвени да застанат зад независноста и да ја наметнат и, второ, непрекинато и агресивно деморализирање на целото население“.
Додека Хитлер, Химлер и Рибентроп се нервираат поради откажувањето на Михајлов, началниците на Вермахтот го преземаат управувањето на Македонија во свои раце во моментот кога таа е „оголена“ заради повлечените бугарски окупаторски сили. На 12 ноември 1944 година, последните германски единици го напуштаат Скопје и заминуваат во насока кон Приштина, а наредниот ден во Скопје навлегуваат партизаните на Тито.
Михајлов и неговата жена, заедно со уште неколку верни другари, се евакуирани од СС припадниците од Скопје, прво во Виена, а пролетта во 1945 година тој бил преместен во гратчето Алтаусзе во австриските Алпи. За разлика од многуте национал-социјалистички величини кои се наоѓале таму, Михајлов не е вознемируван ниту од американските единици, кои пристигнуваат во градот на 9 мај 1945 година, ниту од востановената после тоа британска воена администрација, како што не е вознемируван ни кога Титова Југославија официјално бара негово екстрадирање од Англичаните.
Не е познато каде Михајлов и неговата жена ги поминуваат првите години по војната. Веројатно времено се запреле во Шпанија на Франко. Во 1948 година, тој успева да добие жителство на Италија, која во наредните 42 години ја напушта само за да се одмора во Австрија и Германија. Од 1958 година, тој живее под името на „професор Џовани од Унгарија“ во римската населба Монтесакро на ул. „Виа Понца“ 6/7. Тој ги ужива привилегиите на својот долгогодишен познаник Анџело Ронкали, кој во периодот од 1925-1934 година е апостолски претставник на Ватикан во Бугарија, а потоа, до 1939 година, е апостолски пратеник во Труција, државата во која Михајлов добива прибежиште. Во 1958 година Анџело Ронкали е избран за папа Јован XXIII. За разлика од Павелиќ и други усташки лидери, Михајлов не ги користи добрите врски со Ватикан за да се извлече преку „каналот на духовите“ и да најде сигурност во Јужна Америка.
Кога во 1946 година, во „народно-демократска“ Бугарија и последните преостанати ченови на ВМРО на Михајлов, под раководство на Кирил Дрангов и Владо Куртев, се ликвидирани, приврзаниците на Прото]еров, сега поврзувани со БКП, прават кариера во различни министерства и особено во Државната безбедност на НРБ. Исто така, и во новата југословенска Република Македонија тамошната комунистичка тајна полиција ги задушува обидите за реорганизацијата на истомислениците на Михајлов. Од тој момент во сталнистичка Бугарија, како и во Титова Југославија, „михајловист“ се претвора во етикета застрашувачка за живот. Меѓутоа, во 1978 година, долгогодишниот државен претседател и раководител на партијата на Бугарија, Тодор Живков, дава наредба да се востанови таен контакт со прогонетиот во Италија – Михајлов. Мотив за тоа е разгорениот бугарско-југословенски спор за Македонија, поконкретно: прашањето дали постои македонска нација како што тврдат од Белград и Скопје, или дали поголемиот дел од населението на Македонија се Бугари, како што сметаат во Софија. Факт што во тој спор Михајлов застанува на бугарска страна, го прави за Живков важен сојузник против Југославија, пред сѐ, среде бугарската и македонската дијаспора во Северна Америка и Океанија. Во исто време, Михајлов гледа во комунистичка Бугарија партнер против Тито и Лазар Колишевски и против нивниот проект за одделна македонска нација со национален јазик, национална литература, национална црква и специфичен македонски – а не бугарски идентитет.
Запрашан дали многубројните порачани од него смртни пресуди на бугарски и југословенски политичари и службеници и особено против членови на ВМРО, му тежат на неговата совест, Михајлов одговора дека такви слични пресуди се негово дело само при отежнувачки случаи на предавство или, пак, при злоупотреби на пари на организацијата, како и во случаи кога смртните пресуди правно биле издржани и изречени од легални органи на ВМРО. „Ми се наложуваше да потпишувам смртни пресуди на мои пријатели“, признава Михајлов, сочувствувајќи сам со себеси, за време на разговорот со бугарскиот службеник во Ватикан, Георги Елдаров. Според него, ВМРО била „суверена државна структура“ и „дејствувала како другите држави“. Податокот дека бројот на смртните пресуди во споредба со другите држави бил повисок, Михајлов го објаснува со состојбите дека „организацијата немала затвори за издржување на тие што ги прекршиле правилата на уставот“.
По епохалната 1989 година, во Бугарија и во новата Република Македонија се појавуават независни македонски политички партии, кои се сметаат за организации – наледници на ВМРО. Во сегашна демократска Бугарија бившиот шеф на ЦК на ВМРО, Ванчо Михајлов, е сметан за национален херој. Тоа јасно се гледа од чинот на подигнување на неговата спомен-биста. Од друга страна денес, во Македонија, Иван Михајлов, роден во 1896 година, во источномакедонскиот град Штип, е делумно рехабилитиран – и покрај неговите погледи за националното прашање. Во 2000 година неколку пратеници од македонското собрание учествуваат во панихидата што му е отслужена на атентаторот -камиказа од ВМРО, Владо Черноземски, кој во 1934 година во Марсеј се справува исклучително успешно со задачата дадена од Михајлов. Во 2002 година во центарот на Скопје се открива спомен-плоча и за една друга атентаторка-камиказа од ВМРО, Мара Бунева, која во 1928 година, исто така по наредба на Михајлов, застрелува висок белградски службеник, а потоа се самоубива.
Фактот дека мирно починатиот на 5 септември 1990 година, на библиска возраст од 94 години, прогонетиот во Италија порачал стотици политички убиства, во Бугарија и во Македонија се пренебрегнува со определена цел. Вистината дека Турција, Полска, Унгарија, Хрватска, Австрија го прикривала и го заштитувале Михајлов, и покрај тоа што тој официјално бил баран од Бугарија поради обвиненија за терористичката дејност, во тие држави нема никаква улога. А во општествената памет на Италија, како и во Германија, сојузникот на Мусолини и Хитлер е целосно заборавен.
(Штефан Требст е професор по кулурна историја на Источна Европа на Универзитетот во Лајпциг. Автор е на три книги за македонското прашање во 20. век –„Македонскиот век“, „Мусолини, Македонија и големите сили 1922-1934 година“ и „Бугарско-југословенската контроверза за Македонија 1967-1982 година“.)