Кога гневот ја води политиката
Инцидентот во Собранието ги надмина зовриените страсти во државава. Тие не се резултат само на мистериозноста на францускиот предлог, на штрајковите кои се редат од ден на ден, на скапотијата, туку и на планот на опозицијата дека власта конечно мора да падне
Додека едниот се извинува, а другите бараат оставки од него за инцидентот во Собранието полн со обостран гнев, сите тие заедно треба да одвојат малку време и да прочитаат од загрепските медиуми како денес Хрватска ја добила првата транша од неповратната помош на ЕУ од 700 милиони евра од фондот за закрепнување на Унијата од последиците од пандемијата на корона вирусот. И можеби да помислат – колку сме ние далеку од овие хоризонти. И дали некогаш воопшто ќе стигнеме до нив. Затоа што, во основата, тое не е само поради ветото на Софија за чекорењето по европскиот пат, туку и поради нашето однесување, а во прв ред на оние многу видливите – политичарите.
Гневот на Арбер Адеми за многумина изгледаше комплетно неочекуван, затоа што тој важи за одмерен и култивиран политичар, поранешен министер на два пати. Како што изгледаше неочекувано и изрипувањето на Дафина Стојаноска и брзиот трк до пултот на претседавачот на Комисијата за европски прашања и корнењето на микрофонот и другите работи, а потоа доаѓањето на сите по неа. Како сцена од документарни филмови за предатори – многумина наспроти еден.
Нема тука оправдување за фрлањето шолја за кафе и шише со вода од страна Адеми, но неговите нерви по двочасовната блокада на комисијата попуштија, а не требаше, и сето тоа се претвори во исклучително грда сцена.
Имаше слична ваква сцена пред четири години, кога Никола Груевски, во една исто таква зовриена ситуација, отиде на пултот на Талат Џафери како претседетал на Собранието, му истураше вода по хартиите, го виткаше микрофонот. Џафери тогаш го совлада гневот, остана мирен, иако двајцата некој миг подоцна стоеја исправени еден спрема друг како боксери пред меч и се гледаа право в очи.
Вчерашниот инцидент беше сегашниот врв на зовриените политички страсти. По некој ден може да стигнеме до некој друг врв. Заборавете на патриотската реторика, сето тоа е поврзано со идејата (што е легитимна) како да падне власта и како на нејзино место да дојде друга.
Владата е притисната од многу страни – штрајковите се редат еден по друг, сега тече генералниот, на Сојузот на синдикатите на Македонија. Сите се поврзани со барање за поголеми плати на луѓето вработени во администрацијата. Повеќе години наназад синдикатите главно се грижат само за платите на административците, а не на оние што ги создаваат парите во државата – работниците во приватниот сектор. Платите се недоволни да се издржи во оваа спирала на оправдани и неоправдани зголемувања на цените. А парите во буџетот истекуваат како песок во часовник. Тој синдикален притисок ја зголемува нервозата кај власта, затоа што нема финансиски одговор за да ги покрие таквите барања.
На тоа се надоврза со сета емоционална ерупција францускиот предлог за кревање на бугарското вето и големата недоверба на значаен дел од јавноста (целата опозиција, важен сегмент од аналитичарите и новинарите) – дали македонската дипломатија го промашила концептот на преговорите, попуштила под европскиот (а можеби и американскиот) притисок и на барањата на Софија. Министерот Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ речиси секојдневно мора да кажуваат дека не прават ништо што е на штета на македонските интереси и што би било погазување на резолуцијата на Собранието. Но, половина ден на јавноста тоа ѝ изгледа уверливо, а кога потоа ќе дојде баражниот оган од критичарите тоа станува недоволно.
Поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, е еден од главните знаменосци на овие чети критичари барајќи детали од преговорите (а додека тој преговараше со Никос Коѕијас околу Преспанскиот договор не можеа да се извлечат ни два збора од него поради „деликатноста на преговорите“, како што објаснуваше). Се разбира дека Димитров (како и другите) има право да бара информации за тоа дали е можен договор и дали ние свесно, несвесно или принудени ќе пречекориме некоја граница што не може да се премине, но во исто време (со толку големо дипломатско искуство) знае дека доверливоста во дипломатијата при комплицирани преговори е клучот за успех. Доколку тие дипломатски преговори ѝ се сервираат на тацна на јавноста па таа да зема од неа што сака, тоа е сигурниот пат за неуспех.
Во оваа игра на напади и обвинувања министерот Бујар Османи ја изгуби смиреноста, што би морало да биде клучен елемент на првиот дипломат и влезе во некаков личен дуел со Димитров и тоа беше грешка што почна да ја поткопува неговата позиција. Објавувајќи документи што ги потпишал Димитров пред три години и не сакајќи тој почна да создава впечаток дека она што можеби сега ќе се договори околу францускиот предлог ќе биде помалку штетно, иако штетно. Но во интерес на европската иднина на Македонија?
Политикита е валкана работа. Понекогаш е екстремно валкана, па дури и опасна. Прво лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа, а ден подоцна и потпретседателот на партијата, Александар Николоски, изрекоа арсенал тешки обвинувања дека дипломатијата на Османи работела Албанија да ги почне преговорите со ЕУ, а Македонија – не, што го става во рангот на своевиден „државен непријател“. Тоа се опасни игри на меѓуетничка основа кои можат да доведат до драматични поделби во општественото ткиво.
Османи огорчено му одговори на Николоски: „Колку ли само треба да си алчен и да не си ја ниту почитуваш ниту сакаш државата, за да ја нападнеш нејзината суштинска придобивка – успешната мултиетничка обединетост по стратешките интереси“.
ВМРО-ДПМНЕ ги исцртува повторно етничките меѓи за да се направи поголема конфузија во општеството од оваа што е сега. Целта е јасна – мора да се дојде до власта. По признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, заедничките литургии на архиепископот Стефан со патријарсите Вартоломеј и Порфириј последниве два месеци, почетокот на преговорите со ЕУ би бил уште еден неподнослив удар за ВМРО-ДПМНЕ. Кога нејзините врвни луѓе се судат за криминали, им се конфискува имотот, на кој било начин треба да се оневозможи уште еден меѓународен пробив на државата. А при тоа да не се каже ниту еден збор што понатаму ако пропадне и францускиот предлог за кој уште се водат преговори, а во кои изгледа се вклучени сите – и ЕУ, и САД, и клучните држави во Унијата. Дали од тоа ќе произлезе нешто што е прифатливо за Македонија (согласно барањата што ги кажа Димитар Ковачевски) и ќе може да се дојде до поднослив компромис за европскиот напредок, тешко е да се каже денеска. Можеби повеќе ќе се знае на самитот на НАТО в четврток. Можеби рамката ќе остане да ја финишира чешкото претседателство на ЕУ. А можеби ни тоа. Дотогаш ќе гледаме како ЕУ ѝ одобрува уште една, па уште една транша од стотици милиони евра помош на Хрватска. А Македонија уште не ја нашла формулата како времето да ѝ биде сојузник.