Коцевски: Верижните пропусти доведоа до пожарот во „Пулс“ и смрт на 59 лица

Јавниот обвинител изјави дека постои сомневање дека првоосомничениот со поткуп ја добил лиценцата од Министерството за економија


Љупчо Коцевски (Фото: Б. Грданоски)

 

ОЈО Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основи на сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност. 

Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица,  информираше денеска на прес-конференција државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, довеле до тоа при користење на пиротехнички дејствија за време на настап на групата „ДНК“ во клубот „Пулс“ во Кочани, да биде предизикан пожар во кој загинаа 59 лица, меѓу кои шест деца, а беа повредени 197 лица, од кои 25 деца. 

„Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16 март 2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност заживотот и телото на луѓето и имот од големи размери“, изјави Коцевски. 

Доколку се обезбедат докази, Коцевски, рече дека во истрагата ќе бидат опфатени и други засега не утврдени лица. 

Тројца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во клубот. Првиот е закупец на објектот каде е лоциран клубот, реален носител и сопственик на целокупниот деловен потфат и работењето.

„Објектот со намена за лесна индустрија воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски, но во континуитет осомничените добивале лиценца, незаконито и организирале услуги. Притоа, сите знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законските услови и начин за вршење угостителска дејност“, изјави Коцевски. 

Постои конкретно основано сомнение дека првоосомничениот за период од 13.02.2024 до 13.02.2025 година директно на осомничено службено лице вработено во Министерество за економија му дал одреден паричен износ да изврши службено дејствија, што не би смеел да го изврши и на тој начин обезбедил лиценца. 

„Поради тоа против вработениот во Министерство за економија е поведета постапка и за примање поткуп“, изјави Коцевски. 

Фото: Б. Грданоски

Една од осомничените, посочи Коцевски, е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани, која во 2010 година постапила по барање на осомничениот сопственик и му изработила основен проект, како услов за отпочнување на работа и вршење угостителска дејсност кабаре, иако знаела дека објектот не може да биде пренаменет. 

„Овој незаконит проект сопственикот во период од 2012 до 2023 година во континуитет го користел незаконито во прилог на барање за добивање лиценци“, изјави Коцевски. 

Од Министерството за економија, Коцевски рече дека до овој момент осмничени се поранешниот министер за економија, поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник.

Поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 09.01.2020 година до 16.03.2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, и другите пропишани услови согласно закон, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност.

„Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, како и осомничени двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле кабарето ‘Пулс’ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект“, изјави Коцевски.

Во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот

„На 16.03.2025 година, еден од осомничените, одговорно лице во клубот, усно организирал концерт – настап без формално потпишан договор со музичката група ‘ДНК’ и притоа заедно со осомничените управители и осомничените припадници на агенцијата за обезбедување, свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле влез на околу 650 посетители помеѓу кои имало најмалку 31 дете. Едно од осомничените лица вршело продажба на билети без притоа да води сметка за бројот и возраста на гостите кои смеат да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителска дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот“, изјави Коцевски.

Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, нагласи Коцевски, не спречиле за потребите на настапот на групата „ДНК“ да се внесат во угостителскиот објект и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту пак просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства.

„За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група. Постои сомнение дека членовите на бендот околу 02,32 часот како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената од кои веднаш се опожарил кровниот дел од објектот и пожарот се проширил по целиот објект“, изјави Коцевски.

Во однос на пропустите на обезбедувањето, осомничени се сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата, но вршело одредени работи за таа фирма.

„Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови особено во однос на опасности и можности за евакуација. Во текот на критичната вечер, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата во објектот“, изјави Коцевски.

Сите осомничени се обезбедени. Кочанското обвинителство, нагласи Коцевкси, со оглед на тежината на кривичното дело кое им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени со исклучок на 3 лица кои се хоспитализирани.