Коцевски не гледа основа за негово разрешување


Јавниот Обвинител Љупчо Коцевски (Фото: Б. Грданоски)

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера од Советот на јавни обвинители го добил предлогот за негово разрешување кој беше инициран од Владата.
Коцевски вели дека, од она што првично го разгледал во предлогот за негово разрешување, не постои ниедна основа за утврдување тешка дисциплинска повреда како причина поради која би бил разрешен.

„Во текот на вчерашниот ден доставен ми беше предлогот за разрешување од страна на Советот на јавни обвинители. Во еден разумен рок ќе се произнесам за сите точки. Останувам на тоа дека, од она што можев да го разгледам, е дека во предлогот нема ниедна основа за утврдување на тешка дисциплинска повреда“,
изјави државниот обвинител одговарајќи на новинарски прашања.

На новинарско прашање на што точно се повикува Владата во предлогот за негово разрешување, Коцевски вели дека се повикува приближно на истото што беше истакнато во медиумите во последниот период.

Досега Владата не ја објави содржината на предлогот за разрешување на Коцевски. Од она што досега е познато, во предлогот што го подготви Министерството за правда се вели дека државниот јавен обвинител постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои тој требало да знае и требало да се изземе.

Според Законот за јавно обвинителство, Коцевски има право писмено да се произнесе по предлогот за негово разрешување и да присуствува на собраниската седница на која треба да се расправа и одлучува по предлогот.