Кобна мототрка: Почина потпретседателот на Адора, Душко Чифлиганец, бизнис заедницата во шок

Почина Душко Чифлиганец, извршен потпретседател во Адора Бизнис Груп и Коосновач на Prime Capital by Adora, инаку син на познатиот македонски бизнисмен и општественик, Ванчо Чифлиганец. Како што јавија повеќе домашни медиуми, за Чифлиганец кобна била мототрка во Брно, Чешка, на која што се натпреварувал и каде што доживеал несреќа. Бил хоспитализиран, но подоцна им подлегнал на повредите.
Веста ја пренесоа речиси сите медиуми во државата, иако до сега нема и официјална потврда за неа.
Познавачите велат дека Душко Чифлиганец бил љубител на мотори и автомобили и добитник е на престижни признанија за брзински мотоциклизам.
Заедно со неговиот татко, познатиот бизнисмен и основач на „Адора“, Ванчо Чифлиганец, и сестрата Драгана, го водеше бизнисот во семејната фирма која е реномирана во градежниот бизнис во земјава, но и во странство, каде што имаат изгаредно повеќе престижн објекти.
Освен во градежниот бизнис, Душко годинава влезе и во инвестицискиот бизнис, како ко-основач на Prime Capital од Adora, чија цел е поттикнување на стратешки раст и влез на пазарот низ Европа, Блискиот Исток и Азија, нудејќи пристап до глобалните пазари на капитал, изградба и управување со лиценцирана инвестициска платформа, испорачувајќи услуги во јавни акции, вештачка интелигенција, финтех и одржливи сектори и тн. Prime Capital стана првата фирма основана во Македонија со лиценца за работа на финансиските пазари во САД.
На неговиот профил на Линкедин, Душко, меѓу другото наведува дека како потпретседател во Адора Бизнис Груп, ја спојува неговата експертиза во недвижностите, финансиите и енергетиката за да биде пионер во решенија за развој на бизнисот со напредно размислување.
„Дубаи имаше големо влијание врз мојот личен и професионален раст. Дипломирав економија и бизнис на Американскиот универзитет во Дубаи, а подоцна започнав успешен потфат во индустријата за органска храна и пијалоци. Ова искуство го обликуваше мојот претприемачки начин на размислување – предност што ја носам со себе денес“, вели тој.
Бизнис заедницата во земјава е во шок по трагичната вест. Душко Чифлиганец имаше само 32 години.