Клучните шест дена кога Кина молчеше за заразата од корона вирусот

Обидот на Кина да чекори на танката линија помеѓу алармирање на јавноста и избегнување паника, ја постави сцената за пандемијата што зарази повеќе од два милиони луѓе и однесе повеќе од 145.000 животи, пишува во опсежната приказна АП
Шест дена откако врвните кинески функционери тајно утврдија дека најверојатно се соочуваат со пандемија од нов корона вирус, градот Вухан во епицентарот на болеста беше домаќин на масовен банкет за десетици илјади луѓе; милиони луѓе започнаа да патуваат за прославата на лунарната нова година.
Претседателот Ши Џинпинг ја предупреди јавноста на седмиот ден, 20 јануари. Но во тоа време повеќе од 3.000 луѓе беа заразени за време на речиси една недела на јавно молчење, според внатрешните документи обезбедени од Асошиетед прес и експертски проценки засновани на ретроспектива на податоците за инфекцијата.
Шест дена.
Тоа одложување од 14 до 20 јануари не беше ниту прва грешка направена од кинеските власти на сите нивоа во соочувањето со епидемијата, ниту најдолго заостанување, бидејќи владите ширум светот ги влечеа нозете со недели, па дури и месеци за соочување со вирусот.
Но, доцнењето од страна на првата земја што се соочи со новиот корона вирус дојде во критично време – почетокот на епидемијата. Обидот на Кина да чекори на танката линија помеѓу алармирање на јавноста и избегнување паника, ја постави сцената за пандемијата што зарази повеќе од два милиони луѓе и однесе повеќе од 145.000 животи.
„Ова е огромно“, рече Зуо-Фенг Жанг, епидемиолог од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анѓелес. „Ако презедоа акција шест дена порано, ќе имаше многу помалку пациенти и медицинските установи ќе беа доволни. Можеби ќе го избегнавме колапсот на медицинскиот систем на Вухан“.
Други експерти истакнаа дека кинеската влада можеби чекала да ја предупреди јавноста за да ја спречи хистеријата и дека во тоа време дејствувал брзо во тајност.
Но, шестдневното одложување на лидерите на Кина во Пекинг дојде каков врв на двете недели, во кои текот на кој националниот Центар за контрола на болести (ЦКБ) не регистрираше никакви случаи од локалните власти, потврдуваат внатрешните билтени до кои дојде АП. Сепак, за тоа време, од 5 јануари до 17 јануари, стотици пациенти се јавуваа во болниците не само во Вухан, туку и низ целата земја.
Неизвесно е дали локалните власти не успеале да ги пријават случаите или тоа се националните власти кои не успеале да ги регистрираат. Исто така, не е јасно што точно знаеле официјалните лица во тоа време во Вухан.
Како со лошите вести
Но, она што е јасно, велат експертите е дека ригорозните контроли на Кина врз информациите, бирократските пречки и неподготвеноста да се испраќаат лоши вести до синџирот на команда, ги намалија раните предупредувања. Казната на осум лекари за „ширење на гласини“, објавена на националната телевизија на 2 јануари, испрати студенило низ градските болници.
„Лекарите во Вухан се плашеа“, рече Дали Јанг, професор по кинеска политика на Универзитетот во Чикаго. „Тоа беше навистина заплашување на целата професија“.
Без овие внатрешни извештаи, беше потребно да се појави првиот случај надвор од Кина, во Тајланд, на 13 јануари, да ги галванизира водачите во Пекинг да ја препознаат можната пандемија пред нив. Тие дури тогаш започнаа план на национално ниво да пронајдат случаи – дистрибуирани комплети за тестирање одобрени од ЦКБ, олеснување на критериумите за потврдување на случаи и наредби за здравствените службеници да ги следат пациентите. Тие, исто така, им наложија на службениците во провинцијата Хубеи, каде се наоѓа Вухан, да започнат со проверка на температурата во центрите за превоз и да ги намалат големите јавни собири. Тие го сторија сето тоа без да ѝ кажат на јавноста.
Кинеската влада во првите денови негираше дека ги потиснува информациите, велејќи дека веднаш го пријавила избувнувањето во Светската здравствена организација.
„Оние кои ја обвинуваат Кина за недостаток на транспарентност и отвореност се неправедни“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи Жао Лиџијан на прашањето на АП за овој текст.

Документите покажуваат дека шефот на кинеската Национална здравствена комисија, Ма Шиаовеи, постави мрачна проценка на состојбата на 14 јануари, во доверлива телеконференција со здравствените службеници во провинцијата. Во меморандумот се вели дека се одржала телеконференција за да се пренесат упатства за коронавирусот од претседателот Ши Џинпинг, премиерот Ли Кечијанг и вицепремиерот Сун Чунлан, но не се прецизира какви биле тие упатства.
„Епидемиската состојба е сè уште тешка и комплексна, најтешка од времето на Сарс во 2003 година и најверојатно ќе се претвори во голем настан во јавното здравство“, се цитира во меморантот.
Националната здравствена комисија е врвна медицинска агенција во земјата. Во факс-изјава, комисијата соопшти дека ја организирала телеконференцијата заради случајот пријавен во Тајланд и можноста за ширење на вирусот за време на патувањата за лунарната нова година.
Документите доаѓаат од анонимен извор од областа на медицината, кој не сакаше да биде именуван од страв од одмазда. АП ја потврди содржината од два други извори во јавното здравство запознаени со телеконференцијата. Некои од содржините на меморандумите се појавија и во јавната објава за таа телеконференција во февруари, но ги немаше клучни детали.
Во делот под наслов „трезвено разбирање на ситуацијата“, во меморандумот се вели дека „групните случаи сугерираат дека е можно пренесување од човек на човек“. Се издвојува случајот во Тајланд и се вели дека ситуацијата „значително се променила“ поради можното ширење на вирусот во странство.
„Со доаѓањето на Пролетниот фестивал, многу луѓе ќе патуваат, а ризикот од пренесување и ширење е голем“, продолжува меморандумот. „Сите локации мора да се подготват и да одговорат на пандемијата“.
Додека во документите не се наведува зошто кинеските лидери чекале шест дена за да ги објават јавно своите загрижености, состаноците може да бидат една од причините.
Како одговор на телеконференцијата, Центарот за контрола и превенција на болести во Пекинг иницираше највисоко ниво на одговор при итни внатрешни случаи, ниво 1, на 15 јануари. Тоа определи врвни лидери на ЦКБ во 14 работни групи кои имаат задача да добијат средства, обука на здравствени работници, да собираат податоци, да вршат теренски истражувања и надзор лаборатории, покажува внатрешно известување на ЦКБ.
Националната здравствена комисија, исто така, дистрибуираше сет на упатства од 63 страници на провинциските здравствени службеници, кој го виде АП. Упатството им наложи на здравствените службеници на национално ниво да ги идентификуваат сомнителните случаи, болниците да отворат клиники за треска и лекарите и медицинските сестри да донираат заштитни средства. Тие беа обележани како „внатрешни“ – „да не се шират на Интернет“, „да не бидат јавно објавени“.
Минимизирање на заканата
Меѓутоа, во јавноста, официјалните лица продолжија да ја минимизираат заканата, укажувајќи на 41 случај во јавноста во тоа време.
„Последното разбирање е дека ризикот од одржливо пренесување од човек на човек е мал“, рече Ли Кун, шеф на центарот за итни случаи во Кина, за кинеската државна телевизија на 15 јануари. Тоа беше истиот ден кога Ли беше назначен за лидер на група која подготвува планови за итни случаи за одговор на нивото 1.
На 20 јануари, претседателот Ши ги објави своите први јавни коментари за вирусот, велејќи дека епидемијата „мора да се сфати сериозно“ и да се спроведе секоја можна мерка. Водечкиот кинески епидемиолог, Жонг Наншан, за прв пат објави на националната телевизија дека вирусот се пренесува од човек на човек.
Ако јавноста беше предупредена една недела порано да преземе активности како што се социјално растојание, носење маски и ограничувања за патувања, случаите би можеле да се намалат до две третини, открива еден документ подоцна. Претходното предупредување можеше да спаси животи, вели жанг, докторот од Лос Анѓелес.
Сепак, други здравствени експерти велат дека владата презела пресудна акција во тајни контакти.
Одложувањето може да ги поддржи обвинувањата на претседателот Доналд Трамп дека тајноста на кинеската влада го задржала одговорот на светот на вирусот. Како и да е, јавното објавување на 20 јануари им овозможи на САД речиси два месеци за подготовка за пандемијата.
За време на тие месеци, Трамп ги игнорираше предупредувањата на сопствениот персонал и ја отфрли болеста како нешто за што не треба да се грижиме.
Раната приказна за пандемијата во Кина покажува пропуштени можности на секој чекор, откриваат документите и интервјуата на АП. Според Ши, највторитарен лидер во Кина со децении, зголемувањето на политичката репресија ги натерала властите да се колебаат да пријавуваат случаи без јасно зелено светло одозгора.
Лекарите и медицинските сестри во Вухан изјавиле за кинеските медиуми дека имало многу знаци дека корона вирусот може да се пренесе меѓу луѓето уште кон крајот на декември. Пациентите кои никогаш не биле во сомнителниот извор на вирус, пазарот на морска храна Хуанан, биле заразени. Медицинските работници почнале да се разболуваат.
Но, официјалните лица го опструираа медицинскиот персонал, кој се обиде да пријави вакви случаи. Тие поставија строги критериуми за потврдување на случаи, каде што пациентите не само што требаше да се тестираат позитивно, туку примероците требаше да бидат испратени во Пекинг и да се секвенцираат. Тие бараа персоналот да се пријавува пред супервизорите пред да испрати информации повисоко, покажуваат извештаите на кинеските медиуми. И ги казнија лекарите за предупредување за болеста.
Како резултат, не се пријавени нови случаи скоро две недели од 5 јануари, дури и кога официјалните лица се собраа во Вухан на двете најголеми политички средби во годината во покраината Хубеи.
Во овој период, екипи на експерти, испратени до Вухан од Пекинг, рекоа дека не успеале да најдат јасни знаци на опасност и пренесување од човек на човек. За време на нивниот престој, повеќе од половина дузина лекари и медицински сестри веќе се разболеле од вирусот.
Тимовите бараа пациенти со тешка пневмонија, а не ги гледаа оние со поблаги симптоми. Тие, исто така, ја стеснија потрагата по оние кои го посетија пазарот за морска храна – што беше во грешка во ретроспектива.
Во седмиците откако сериозноста на епидемијата стана јасна, некои експерти ги обвинија властите на Вухан дека намерно криеле случаи.
Тогашниот градоначалник на Вухан, Жоу Шијанванг, ги обвини националните регулативи за тајноста.
„Како службеник на локалната самоуправа, би можел да откривам информации дури откако ќе бидат овластени“, им рече Жоу на државните медиуми кон крајот на јануари. „Многу луѓе не го сфатија ова“.
Како резултат, се чини дека врвните кинески функционери останале во мрак.
„ЦКБ делуваше слабо, претпоставувајќи дека сѐе во ред“, рече државен здравствен експерт, кој одби да биде именуван од страв од одмазда. „Ако почнавме да правиме нешто една недела или две порано, работите би можеле да бидат многу поразлични“.
Не беше само Вухан
Не беше само Вухан. Во Шенжен, во јужна Кина, стотици милји подалеку, тим предводен од микробиолог Јуен Квок-јунг користел свои комплет за тестирање за да потврди дека шест члена на семејство од седуммина го имаат вирусот на 12. јануари.
Кога беше пријавен случајот во Тајланд, здравствените власти конечно изработија внатрешен план за систематско идентификување, изолирање, тестирање и лекување на сите случаи на новиот корона вирус на национално ниво.
Броењето на случајот на Вухан започна веднаш да се искачува – четири на 17 јануари, потоа 17 следниот ден и 136 наредниот ден. Низ целата земја, почнаа да излегуваат на површина десетици случаи, во некои случаи кај пациенти кои биле заразени порано, но сè уште не биле тестирани.
Болницата „Унион“ Вухан, една од најдобрите во градот, одржа итен состанок на 18 јануари, во кој му укажа на персоналот да примени строга изолација – уште пред јавното предупредување на Ши. Еден експерт за здравство изјави за АП дека на 19 јануари ја обиколила болницата изградена по избувнувањето на Сарс, каде медицинските работници брзо подготвиле цела зграда со стотици кревети за пациенти со пневмонија.
„Сите во областа знаеја дека нешто се случува“, рече таа, одбивајќи да биде именувана за да не се нарушат чувствителните владини консултации. „Тие го очекуваа“. (Асошиетед прес)