Клиниката за Хематологија се приклучи на светската кампања „Не можеме да чекаме“ по повод Светскиот ден за подигнување на свесноста за лимфом


 

По повод 15 септември – Светскиот ден за подигнување на свесноста за лимфом, Универзитетската клиника за Хематологија се приклучува на светската кампања насловена „Не можеме да чекаме“. Целта на кампањата, како што велат од Клиниката е навреме да се препознаат симтомите на ова заболување, затоа што раното дијагностицирање на лимфомот значи можност за живот и излекување.

Од Клиниката за хематологија велат дека бројот на откриени случаи на лимфом во земјава опаднал за дури за 38 проценти за последните две години, пандемијата од Ковид-19 влијаела и на третманот и на дијагностицирањето на лимфомите.

Директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска- Ставридис вели дека една од најважните пораки на кампањата „Не можеме да чекаме“, е информирањето на граѓаните, да ги препознаат симптомите и да побараат навреме помош од лекар.

Универзитетска клиника за хематологија, заедно со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, во интерес на пациентите, со цел да се скрати времето на дијагностика, да се приближат дел од дијагностичките методи до местото на живеење на пациентите, работат на проект со кој ќе мапираат здравствени капацитети за рана дијагностика на лимфоми.

Лимфом е малигна болест на имуниот ситем, која во последните две децении бележи зголемен број на заболени во светот, но и во земјава. Во светот на секои 90 секунди се дијагностицира по еден нов случај со лимфом. Кампањата „Не можеме да чекаме“ праќа три многу важни пораки: првата е дека јавноста треба да се грижи за своето здравје и навреме да ги препознае симптомите, второ, навреме да се дијагностиција болеста и трето, навреме да се почне со третман, затоа што поради сериозноста на болеста лицата со лимфом немаат време да чекаат.