Клековски: Tреба регистер на пациенти со канцер за соодветно планирање
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски вели дека од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) се информирани за недостигот на одреден број лекови, откако пациенти на Клиниката претходно денеска алармираа дека се соочуваат со недостиг од биолошка терапија, јавува МИА.
– Според информациите од Клиниката, тоа е поради несоодветното планирање во 2024 година, премин од 2024 во 2025 годинa и зголемен број на пациенти во декември. Фондот во 2024 година за УКРО одобри дополнителни пет милиони евра. Фондот работи на договор на зголемен буџет за 2025 година. И покрај напорите за зголемување на финансиите, УКРО треба да има јасни и транспарентни критериуми за вклучување на пациентите на посебните терапии. Треба да се воведе регистар на пациенти и други подобрувања за соодветно планирање и следење – подвлекува Клековски.
Дел од пациентите на Онкологија, во моментов нема биолошка терапија, односно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Тие стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
– Клиниката за онкологија не е во можност да одговори на зголемувањето на бројот на пациентите со метастатски канцери и тоа е една од причините зошто се појави овој недостаток. Како втора причина и нешто што ние пациентите го гледаме како позитивен исход, а тоа е се продолжува животот на пациентите и затоа подолго период имаат потреба од оваа терапија. Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет вели Ана Марјановиќ, пациентка и дел од здружението „Хема-онко“.
Марјановиќ нагласи дека како пациентка и како здружение, инсистираат да има промена на Позитивната листа.
– Доколку Фондот за здравство и Министерството имаат разбирање за итноста на оваа промена и најдат соодветно решение, во иднина овие проблеми од немање терапија што значи живот за многу пациенти, нема да бидат предмет за дискусија. Затоа повторно апелираме до Министерството и Фондот за здравство да се најде моментално решение за пациентите кои во овој период се оставени без терапија, но и да се работи на решение за истите овие лекови во иднина да бидат на Позитивната листа, подвлече Марјановиќ.
– Состојбата со достапноста на биолошката терапија е резултат на административни процедури, што се реализираат согласно буџетот за 2024 година. Овој буџет беше изработен во претходната година врз основа на проценките во тој период и не ги одразуваше целосно тековните потреби на клиниката. Дополнително, треба да се земат предвид и континуираниот пораст на бројот на онколошки пациенти, како и сложеноста на административните и финансиските процеси што влијаат врз набавката на лекови, велат од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Во врска со предизвиците поврзани со тендерските постапки, како што информираат, веќе се преземаат мерки за подобро планирање на набавките и поедноставување на процедурите, во соработка со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство.
– Нашата цел е да обезбедиме навремено и континуирано снабдување со овој вид терапија за пациентите, веруваме дека со овие мерки, актуелниот недостиг ќе биде надминат во најкраток можен рок. Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата што моментално е достапна во Клиниката, согласно препораките на специјалистите и медицинските протоколи за третман.