Излезе од печат книгата „Записи за културата и за книжевноста“ од Ненад Баткоски
Објавена е новата книга „Записи за културата и за книжевноста“ од новинарот, публицист и преведувач Ненад Баткоски. Делото претставува избор од неговите културни записи создадени во изминатите повеќе од четири децении, објавувани во македонски и регионални медиуми, како и во повеќе меѓународни редакции.
Во книгата се поместени текстови објавени во белградските весници „Борба“ и „Вечерни новости“, во првиот независен македонски дневен весник „Република“, како и во „Дневник“, „Нова Македонија“, „Утрински весник“, „Вечер“, „Долар“, „Вест“ и други медиуми. Неговите новинарски прилози биле емитувани и објавувани и преку МИА, МКД.мк, Макфакс, на радио, телевизија и повеќе дигитални платформи.
Во предговорот на книгата авторот истакнува дека ја продолжува својата документарна и дневничка новинарска практика, но со фокус насочен кон културата и книжевноста – области во кои работел паралелно со политичките теми.
– Културата никогаш не била пауза од политиката, туку нејзин најдлабок контрапункт: место каде што се создаваат вредности, каде што се чуваат спомени, каде што се формира идентитет. Затоа и овие записи ги сметам за важен дел од мојата професионална биографија – посочува Баткоски.

Авторот нагласува дека се стремел да го задржи оригиналниот тон, фактичката точност и документарниот карактер на текстовите. Монографијата е збогатена со факсимили од објави во весниците, како и со фотографии од автори, книги, културни настани и изданија, што ѝ даваат визуелна и архивска димензија.
Книгата е самостојно издание на авторот, во соработка со издавачката куќа „Бата прес“, која годинава одбележува 30 години издавачка дејност. Делото е луксузно издание во голем Б5 формат, на 318 страници, целосно во боја. Објавувањето е поддржано од Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес за 2026 година. Ова е четврта публицистичка книга на авторот. Претходно ги има објавено „Македонска бизнис елита“ (1996), „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“ (2017) и „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“ (2024).
Ненад Баткоски е роден во 1958 година во Вевчани. Дипломирал новинарство на Факултетот за политички науки во Белград. Професионално работел во југословенскиот дневен весник „Борба“ (1978–1991), бил главен уредник на „Република“ (1991–1993), на МИА (1999–2000), како и на „Бата прес“ (1996–1998 и 2001–2026). Соработувал со повеќе редакции во Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, САД, како и со франкофонски медиуми во Швајцарија и Франција. Превел преку 35 книжевни дела. ев